Американскиот технолошки гигант Google објави дека нивниот четбот со вештачка интелигенција Gemini ќе пренесува вести од новинската агенција Associated Press (AP), како прв од таков вид договор помеѓу технолошка компанија и новинска агенција.
Од Google соопштија дека AP отсега натаму „ќе испорачува информации во реално време за да помогне дополнително да се подобри корисноста на резултатите прикажани во апликацијата Gemini“.
Генералниот директор за приходи на AP, Кристин Хајтман, рече дека овој договор е дел од долгогодишната соработка со Google која се заснова на „обезбедувањето навремени, точни вести и информации за глобалната публика“.
„Задоволни сме што Google ја препознава вредноста на новинарството на AP, како и нашата посветеност кон непристрасното известување, во развојот на своите производи со генеративна вештачка интелигенција“ – додава Хајтман во соопштението на AP.
Двете компании не открија колку Google ќе му плаќа на AP за содржината, ниту пак објаснија како таа ќе биде претставувана т.е. дали четботот ќе ја кредитира новинската организација или ќе линкува до оригиналните новински статии.