Пишува: Емилија Гроздановска – креативен професионалец со двојна улога како маркетинг специјалист и графички дизајнер, комбинирајќи стратешко размислување со визуелна уметност за создавање на ефикасни и привлечни кампањи.
За да ја напишам оваа колумна ми требаше повеќе од неколку месеци на учење, споредување на стратегии и конкуренција, ми требаше преиспитување на целата моја работа во светот на маркетингот, каде конкуренцијата постојано расте, потрошувачките навики еволуираат, а со тоа финансискиот сектор се соочува со специфични предизвици. Како маркетинг специјалист кој активно работи на создавање стратегии за финансиски производи, сфатив дека клучот не е само во тоа што нудиме, туку како го нудиме. Моите размислувања и практични искуства покажуваат дека успехот во финансискиот маркетинг лежи во искреноста, едукацијата и персонализацијата.
- Разбирање на потребите на клиентите
Најважниот чекор во маркетинг за финансиски производи е разбирањето на потребите но пред се стравовите на клиентите. Финансиските одлуки често носат висок ризик и емоции – страв од неуспех, несигурност и желба за стабилност. Клиентите не бараат само кредит или инвестиција; тие бараат партнер кој ќе ги разбере нивните цели и ќе им понуди решение кое ќе им обезбеди сигурност.
Во практиката на пазарот, секогаш треба да се воведува директна комуникација и анализирање на однесувања. На пример, кога промовиравме производ со фиксна рата, мора да кажеме дека транспарентноста и предвидливоста на трошоците се битни за клиентите и тоа да го направиме основа во нашата комуникација за фиксна рата.
- Моќта на едукацијата
Едукацијата е камен-темелник во финансискиот маркетинг. Многу клиенти се скептични кога станува збор за финансиски производи, особено ако не ги разбираат целосно. Тука, нашата задача како маркетери е да ја демистифицираме сложеноста.
Во кампањите мора и задолжително е да вложуваме голем труд во креирање едукативни содржини. Таа е еден од најефективните начини за градење доверба. Кога компанијата инвестира време и ресурси за да ги едуцира своите клиенти, таа испраќа порака дека се грижи за нивната благосостојба. Ова го разликува брендот од конкуренцијата и создава долгорочна лојалност.
Едукацијата на клиентите е многу повеќе од стратегија – тоа е инвестиција во долгорочен успех. Компаниите кои ја препознаваат нејзината вредност имаат предност не само во привлекувањето клиенти, туку и во создавањето лојални партнери. Во свет каде што знаењето е моќ, едукацијата е најсилното оружје за градење однос заснован на доверба и успех.
- Персонализацијата како двигател на успехот
Живееме во ера каде клиентите очекуваат персонализирани искуства. Во финансискиот маркетинг, тоа значи понуди кои се прилагодени на индивидуалните потреби. Благодарение на алатки како Google Analytics и CRM системи, можеме да ги сегментираме клиентите и да им испратиме пораки кои директно одговараат на нивните интереси.На пример, за клиентите кои преферираат краткорочни кредити, создадaваме таргетирани реклами со специфични понуди. Персонализираните email кампањи преку Mailchimp резултираат со 30% поголем одзив во споредба со општите масовни пораки.
- Довербата како највредна валута
Довербата е клучна во секој маркетинг, но особено во финансискиот сектор. Клиентите мора да бидат сигурни дека нивните пари се во добри раце. Преку транспарентна комуникација, искреност во понудите и пружање одлична поддршка на клиентите, успеваме да ја зацврстиме лојалноста на истите.
- Интегриран дигитален пристап
Дигиталниот маркетинг игра централна улога во современата маркетинг стратегија. Социјалните медиуми, Google Ads, и SEO се основни алатки за привлекување клиенти. Но, клучот е интеграцијата – сите канали треба да работат заедно за да креираат беспрекорно искуство за клиентите.
Една од најуспешни дигитални активности може да се смета TikTok кампањата за млади клиенти, каде со креативни видеа може да се објасни како да аплицира за кредит, кои услови се нудат и како може да се отплати кредитот. Оваа кампања може да резултира со огромна интеракција и значително зголемување на апликациите од Gen Z публиката.
- Брендирана содржина што остава трага
Креирањето релевантна и ангажирачка содржина е клучно за финансискиот маркетинг. Од блогови до видеа и инфографици, секоја содржина мора да биде вредна за клиентите.
Како дел од стратегијата, секогаш инсистирам на „storytelling“ – споделување приказни од реални клиенти кои ја зголемиле својата финансиска сигурност со одредени производи. Ваквите приказни не само што ги инспирираат новите клиенти, туку и ја зајакнуваат лојалноста.
И за крај можам да кажам дека финансискиот маркетинг бара посветеност, креативност и вистинско разбирање на клиентите, што ретко кој може да ја разбере. Финансискиот маркетинг се разликува од другите типови на маркетинг поради природата на финансиските производи и услуги, регулативите, целната публика, како и потребата за доверба и сигурност.
За мене, овој маркетинг е повеќе од смислување на кечи слоган и договарање на реклама, овој тип на маркетинг бара реални бројки и стратегии – тоа е можност да се влијае на животите на луѓето. Моето искуство покажува дека комбинацијата на едукација, персонализација и интегритет води до успешни кампањи и долгорочна лојалност. Во крајна линија, најважно е да се гради автентичен однос со клиентите, бидејќи во светот на финансиите, довербата е највредната валута.