Јужнокорејскиот производител на автомобили KIA лансираше нова кампања за австралискиот пазар во која ги претставува своите електрични модели како „отпорни“ на зомбиња.
Ќе се запрашате, која е поврзаноста? Епа, живите мртовци наводно реагираат на звук, а електричните автомобили на KIA се толку тивки што тие едноставно не можат да ги восприемаат и да ги напаѓаат.
Централниот спот на кампањата прикажува апокалиптични сцени на разрушена Австралија во која мнозинството на луѓето се претвориле во безумни зомбиња. За оние ретките кои ја задржале својата човечност, моделите EV5 и EV9 на KIA се верни придружници кои им овозможуваат безбедно извршување на секојдневните задачи – како на пример пазарењето во продавница.
Хумористичната кампања е создадена во соработка со креативната агенција Innocean Australia, а централниот спот е режиран од високо ценетиот француски кинематограф Франсоа Руселет.