Американската технолошка компанија Мета ќе започне со тестирање на реклами на својата платформа за микроблогирање Threads со неколку компании во САД и Јапонија.
Експериментот го означува првиот обид на Мета да генерира приходи од Threads. Компанијата ја лансираше апликацијата во јули 2023 година за да му конкурира на Х (поранешен Твитер) кој што беше купен во 2022 година од страна на Елон Маск за 44 милијарди долари.
За време на тестот, на мал број корисници на Threads ќе им се прикажуваат реклами со големи слики. Тие ќе личат на спонзорираните содржини што корисниците вообичаени ги гледаат на сестринските платформи Фејсбук и Инстаграм, појаснуваат од компанијата.
Постојните „политики за монетизација“ на Мета ќе се применуваат и на Threads. Па така, бизнисите кои што ќе земат учество во тестот ќе имаат пристап до истата алатка за безбедност на брендовите што се користи и кај другите платформи на Мета, а е дизајнирана да го спречи прикажувањето на спонзорирани и брендирани содржини во комбинација со навредливи кориснички содржини кои не ги исполнуваат условите за монетизација.
Платформата Threads има повеќе од 300 милиони месечни корисници, а три од четири корисници на платформата ги следат објавите на барем еден бизнис, се вели во соопштението на компанијата.