Како дел од заложбата на Маркетинг365 за поддршка на женското претприемништво, наша денешна гостинка е Надица Горгиева од Штип, која ќе ни каже нешто повеќе за успешната приказна на нивниот бренд премиум здрави пијалоци ChiaDia.
Вкусните и функционални пијалаци кои Надица и нејзината сестра ко-основач во компанијата Верица Горгиева ги произведуваат, се базирани на протеини, а се произведуваат од само четири едноставни состојки: вода, органско семе од чија, органски нектар од агава и вистинско овошје. Брендот ChiaDia е веќе достапен на повеќе од 200 локации, вклучувајќи супермаркети, угостителски објекти, продавници за здрава храна, аеродроми, аптеки, теретани, тобака и многу повеќе. Покрај Македонија, пијалаците се извезуваат и во неколку балкански земји, вклучувајќи ги Грција и Унгарија, како и во Обединетите Арапски Емирати, а наскоро и во Обединетото Кралство.
Маркетинг365: Кажете ни нешто повеќе за тоа како дојдовте до идејата за производство на здрави и функционални пијалаци со чија како една од главните состојки? Дали бевте инспирирани од некое лично искуство или ја увидовте потребата за таков производ на пазарот?
Надица Горгиева: Идејата се роди од љубопитноста за традиционалниот мексикански пијалак „Chia Fresca,“ кој е популарен во земјите со развиени навики за здрава исхрана. Мојата сестра Верица, при нејзиното патување во Јужна Америка, имаше можност да го проба и да ја забележи уникатноста на пијалакот, како и здравствените придобивки што ги нуди. Оваа инспирација, комбинирана со потребата од пијалоци со чист состав без синтетички додатоци, ни даде дополнителна мотивација да ја развиеме ChiaDia.
Покрај тоа, нашиот животен стил насочен кон здрави избори, не поттикна да создадеме пијалак кој ќе биде природен, функционален и без додадени шеќери. Од самиот почеток, знаевме дека сакаме да понудиме производ кој ќе биде и здрав и вкусен, со цел да ги насочиме купувачите да направат подобри избори за себе и своето здравје.
Маркетинг365: Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте при започнувањето на вашиот бизнис и како ги надминавте? Како околината реагираше на основањето на ChiaDia?
Надица Горгиева: Еден од најголемите предизвици, кој истовремено претставуваше и можност, беше тоа што ChiaDia го воведе првиот пијалак со чиа семе на Балканот. Тоа значеше дека треба активно да ги едуцираме потрошувачите за тоа што е “chia-based drink” и какви здравствени бенефити нуди. Од друга страна, отсуството на директна конкуренција ни овозможи да се позиционираме како иновативен и премиум бренд.
Иако, на почетокот беше предизвикувачки – имавме ограничени ресурси, а градењето на свеста за нешто ново бараше доста време и труд. Сепак, позитивните реакции од публиката за вкусот, дизајнот и квалитетот на производот беа нашиот најголем двигател. Особено сме горди што добивме поддршка не само од нашата заедница, туку и од локалните институции и организации кои препознаа потенцијал во ChiaDia.
Маркетинг365: Пијалаците ChiaDia се веќе достапни во четири вкусови. Како се одлучивте токму за нив и како дојдовте до совршениот рецепт? Кои иновации ги воведовте во производствениот процес?
Надица Горгиева: Процесот на развивање на рецептурата траеше околу една година, со бројни тестирања и консултации со искусни технолози од Европа. Одлучивме да понудиме четири вкусови кои ќе одговараат на различни преференции: лимета за bitter вкус, јагода за сладок, ѓумбир за остар и рибизла за освежувачки вкус.
Иновативноста на ChiaDia започннува од самиот состав, внесуваме чија семе во здрав пијалок кој не содржи додаени шеќери, а истовремено е clean-label“ концепт – без адитиви, конзерванси, вештачки бои, со рок на траење од 18 месеци. Овој функционален пијалок е богат со протеини, диетарни влакна, омега 3, витамин Ц. Дополнително, во производствениот процес користиме еко-свесни практики, како што се употребата на стаклени шишиња и производство со соларна енергија. Нашата цел е да понудиме не само здрав производ, туку и производ кој е одржлив кон животната средина.
Маркетинг365: Како го градите вашиот бренд и се поврзувате со вашата целна публика? Кои маркетинг стратегии ви помогнаа најдобро во промовирањето на вашите производи?
Надица Горгиева: Градењето на брендот ChiaDia го водиме со внимание кон деталите и силната верба во производот. Нашите пијалоци се достапни на повеќе локации и маркети, а нивната видливост ја поддржуваме преку учество на меѓународни саеми, спонзорства на настани, промоции преку инфлуенсери и активност на социјалните мрежи.
Исто така, редовно организираме дегустации на производите за да им овозможиме на потрошувачите да ги пробаат производите и лично да ги почувствуваат придобивките. При дегустирање на нашите пијалоци, постојано добиваме позитивен feedback, а истовремено нудиме едукативни содржини за важноста на здравата исхрана. Веруваме дека со ваква отворена и транспарентна комуникација, градиме не само бренд, туку и мрежа на лојални купувачи кои веруваат во нашата мисија.
Маркетинг365: Неодамна го претставивте брендот ChiaDia на инвестициски самит во Абу Даби. Какво беше тоа искуство? Колку се домашните и меѓународните инвеститори заинтересирани за поддршка на вашиот производ?
Надица Горгиева: Присуството на Инвестицискиот Самит во Абу Даби беше огромна чест и исклучително искуство. Инвеститорите покажаа голем интерес за нашиот бренд, особено поради фактот што сме стартап воден од жени претприемачи. Pitch-ирањето пред искусни бизнисмени и инвеститори ни даде вреден фидбек и потврда за потенцијалот на нашиот бренд.
Она што ни остави најголем впечаток беше нивната отвореност кон иновации и желба за поддршка на одржливи стартапи. Во моментов сме во преговори со неколку инвеститори, а целта ни е да ги обезбедиме потребните ресурси за понатамошно проширување. Ова искуство ни даде поттик да продолжиме да го развиваме ChiaDia со уште поголема страст и визија.
Маркетинг365: Што е следно за брендот ChiaDia? Дали планирате да ја проширите линијата на производи или да влезете на нови пазари?
Надица Горгиева: Во план е проширување на нашето портфолио со нови интересни вкусови и добивање на органски сертификати на производите. Дополнително, планираме влез на пазари со растечка побарувачка, како Скандинавија и Блискиот Исток. Маркетинг кампањите ќе останат фокусна точка, со цел зголемување на препознатливоста како на локално, така и на меѓународно ниво.
Во иднина, размислуваме и за развивање на слични функционални пијалаци кои ќе одговараат на различни здравствени потреби, следејќи ги светските трендови во индустријата. Паралелно, ќе работиме на зајакнување на нашето присуство на дигиталните платформи и градење на се поголема таргет група која ќе ја поддржува нашата визија за здрав и одржлив стил на живот.