Светскиот лидер во музичкото издаваштво Universal Music Group (UMG) и популарната стриминг платформа Spotify склучија нов повеќегодишен договор за музичко лиценцирање и издаваштво, фокусиран на раст, иновации и унапредување на успехот на изведувачите и композиторите.
„Кога првпат пред неколку месеци ја претставивме нашата визија за следната фаза во еволуцијата на музичката претплата – Streaming 2.0 – токму ваков беше партнерскиот развој што го замислувавме. Овој договор ја продолжува и ја проширува соработката со Spotify и за нашите музички куќи и издавачи, унапредувајќи ги принципите насочени кон уметниците со цел да се подобри монетизацијата за изведувачите и композиторите, истовремено подобрувајќи ја понудата на производи за потрошувачите“ – изјави Сер Лусијан Грејнџ, претседател и извршен директор на Universal Music Group.
Основачот и извршен директор на Spotify, Даниел Ек, додава: „Речиси две децении, Spotify ја исполнува својата посветеност да ги врати растот во музичката индустрија, обезбедувајќи дека секоја нова година ќе исплаќаме рекордни суми во корист на изведувачите и композиторите. Ова партнерство осигурува дека можеме да продолжиме да го исполнуваме ова ветување со прифаќање на сигурноста дека постојаната иновација е клучна за да ги направиме музичките платформи со претплати уште попривлечни за пошироката публика на музички фанови низ целиот свет“.
Согласно новиот договор, UMG и Spotify тесно ќе соработуваат за да ја унапредат следната ера на иновации во стримингот. Изведувачите, композиторите и слушателите ќе имаат корист од новите понуди кои се развиваат, новите нивоа на претплати, комбинирањето на музички и немузички содржини и побогатиот каталог на аудио и визуелни содржини. Со продлабочување на искуствата на публиката, поттикнување на понатамошен ангажман и засилување на врската помеѓу изведувачите, композиторите и нивните обожаватели, соработката помеѓу овие две компании ќе ја позиционира индустријата за континуиран раст во бројот на претплатници.
Новиот договор за музичко издаваштво воспоставува директна лиценца помеѓу Spotify и Universal Music Publishing Group низ тековното портфолио на производи на Spotify во САД и неколку други земји, што го зајакнува заемно корисниот однос за музичките автори на платформата.
Новиот договор исто така ја обновува посветеноста на компаниите кон уметничките принципи, обезбедувајќи дека изведувачите продолжуваат да бидат соодветно наградени согласно нивниот уделот во ангажманот со публиката и дека нивните авторски права за стриминг остануваат заштитени преку примената на системите за откривање и отстранување на измами.