Американскиот бренд на сладолед Haagen-Dazs направи пародија на филмската франшиза „Fast & Furious“ („Брзи и бесни“), истакнувајќи ја потребата да ја намалиме брзината и да уживаме во спората „дегустација“ на едноставните животни моменти.
Во рекламата насловена „Not so Fast, Not so Furious“ („Не толку брзи, не толку бесни“), ги гледаме ѕвездите на споменатата филмска франшиза – Вин Дизел, Мишел Родригез и Лудакрис – како возат со голема брзина покрај некој морски брег. Но, нивната брзина драстично се намалува кога ќе отворат сладолед од Haagen-Dazs, предизвикувајќи ги опуштено да уживаат во прекрасниот пејсаж, сончевите зраци и романтичната музика на нивното радио.
Видеоспотот ќе се емитува за време на финалето на американската фудбалска лига, познато како Супер боул.
„Да се здружиме со една од најпознатите франшизи и таленти во филмската историја беше сè што посакувавме. Со заемната љубов и почит помеѓу нашите два бренда, брилијантноста на оваа идеја се докажа уште од првиот ден. Ги покануваме фановите да помогнат да го донесеме нашиот сладолед на најголемиот ден на спортот во Америка“ – истакнува Елизабел Маркез, генерален маркетинг директор во компанијата за производство на сладоледи Dreyer’s.
Кампањата се реализира во соработка со креативната агенција nice&frank.