Овогодинешното 59-то издание на финалето на американската фудбалска лига, популарно познато како Супер боул, забележа нова рекордна телевизиска гледаност од просечно 127.7 милиони гледачи – зацврстувајќи ја својата позиција како најгледан настан на американскиот пазар.
Натпреварот, во кој тимот на Филаделфија Иглс ги победи минатогодишните шампиони Канзас Сити Чифс, беше емитуван на телевизиите Fox, Fox Deportes и Telemundo, како и на стриминг платформата Tubi и самите дигитално платформи на Националната фудбалска лига (НФЛ).
Минатогодишното издание на Супер боул беше просечно гледано од 123.7 милиони гледачи, што значи дека овогодинешните бројки претставуваат раст од 3%. Притоа, според мерењето на Nielsen, гледаноста на овогодишниот натпревар достигнала врв од 137,7 милиони гледачи во втората четвртина на натпреварот.
Според Tubi и Adobe Analytics, 14.5 милиони гледачи го следеле натпреварот на платформите за стриминг, вклучувајќи 13,6 милиони на Tubi, каде преносот беше достапен бесплатно.
Telemundo и Fox Deportes забележаа просек од 1,87 милиони гледачи за преносот на шпански јазик. Супер боул се емитува на шпански јазик во САД од 2014 година.
Музичкото шоу на Кендрик Ламар на полувремето од натпреварот забележа просечна гледаност од 133,5 милиони гледачи – што го прави најгледаното полувременско шоу во историјата на Супер боул.
Плеј-оф натпреварите од овогодишната НФЛ сезона во просек биле гледани од 35.2 милиони гледачи, а натпреварите од регуларната сезона забележале просечна гледаност од 17.5 милиони гледачи.
Рекламите за овогодинешното издание на Супер боул достигнаа цена од над 7 милиони долари за спот од 30 секунди.