Дел од корисниците на социјалната мрежа Инстаграм забележаа ново копче со „превртен палец“ во секцијата за коментари, по што компанијата потврди дека тестира начин на кој корисниците ќе сигнализираат дека не им се допаѓа одреден коментар или дека истиот не е релевантен за содржината на објавата.
Директорот на Инстаграм, Адам Мосери, во објава на Threads рече дека компанијата нема да прикажува број на „дислајкови“ и дека употребата на копчето ќе биде анонимна (т.е. никој нема да знае дека сте притиснале „дислајк“). Тој објасни дека „дислајковите“ ќе имаат удел во рангирањето на коментарите – како кај обичните објави (Posts), така и кај кратките видео-ролни (Reels).
„Некои од вас можеби сте забележале дека тестираме ново копче кај коментарите на Инстаграм – тоа ќе им дава на луѓето приватен начин да сигнализираат дека не се чувствуваат добро за тој конкретен коментар. Сакам да бидам јасен: ова е тест, нема број на „дислајкови“, ниту некој ќе знае дали се го притиснале копчето. Евентуално, може да го интегрираме овој сигнал во рангирањето на коментарите за да ги поместуваме коментарите со повеќе „дислајкови“ подолу. Нашата надеж е дека на овој начин коментарите на Инстаграм ќе станат попријателски“ – напиша Мосери.
„Работиме на начини да им помогнеме на луѓето подобро да го контролираат своето искуство на Инстаграм и она што го гледаат во апликацијата. Тестираме ново копче до секој коментар на објава или ролна за луѓето приватно да сигнализираат дека не се чувствуваат добро за тој конкретен коментар или дека го сметаат за нерелевантен. Ние го тестираме ова со многу мала група луѓе за почеток. Подоцна, може да тестираме и поместување на овие коментари подолу во делот за коментари за да помогнеме да се создаде подобро искуство“ – претходни објаснија од матичната компанија Мета.