Одделот за глобални огласувачки трендови на истражувачката компанија WARC, во својот најнов извештај насловен „Podcast media sets sights on video boom“ („Поткастите се насочуваат кон експанзијата на видеото“), предвидува дека глобалните инвестиции за огласување на поткасти ќе достигнат 5 милијарди долари во 2025 година (+7,9%), односно 5,5 милијарди долари во 2026 година (+6,5%). Но, и покрај растечкото културно и политичко влијание на поткастите, инвестициите за огласување во овој сектор продолжуваат да заостануваат зад другите дигитални медиуми.
„Во моментов, поткастите се во центарот на вниманието. Откако се чини дека му помогнаа на Доналд Трамп да победи на минатогодишните „поткаст избори“ во САД, брендовите сега повторно го евалуираат овој медиум, но сепак, растот на инвестициите за огласување останува слаб, а креаторите на поткасти се натпреваруваат за сè поголем удел во рамки на ограничените глобални буџети за аудио огласување. Затоа, издавачите и платформите сега сè повеќе инвестираат во видеото, надевајќи се дека на тој начин ќе ја зголемат публиката и ќе освојат удел во овој брзорастечки сегмент на огласувачкиот пазар“ – истакнува Алекс Браунсел, раководител за содржини во WARC Media.
Според прогнозите на WARC Media, глобалните инвестизии за огласување на поткастки во 2024 година изнесувале 4,8 милијарди долари, додека пак во 2025 година ќе надминат 5 милијарди долари и во 2026 година ќе достигнат 5,5 милијарди долари. Меѓутоа, годишната стапка на раст ќе забави од 13,2% во 2024 година на 7,9% во 2025 година и 6,5% во 2026 година.
Овој пад е особено забележлив кога ќе се спореди со побрзиот раст на инвестициите во други дигитални канали, како што се малопродажните медиуми (+14,8% во 2025 година), поврзана телевизија (+15,4%) и дигитално надворешно огласување (+14,9%).
Главните пречки за растот на огласувањето во поткастите ја вклучуваат тешкотијата на „скалирање“ (т.е. доведување до соодветен размер) на огласувачките кампањи и недостатокот на прецизни алатки за мерење на ефективноста на рекламите, што им отежнува на брендовите да инвестираат во овој формат.
И покрај ова, според годишното истражување на WARC Marketer’s Toolkit, повеќе од 55% од светските маркетери планираат да ги зголемат своите инвестиции за огласување на поткасти оваа година. Поткастите се рангирани на петтото место меѓу приоритетните канали за инвестирање, веднаш зад видеото на интернет, маркетингот со инфлуенсери и социјалните медиуми.
Целосниот извештај е достапен на следниот ЛИНК.