Се спуштија завесите на Cannes Lions 2015. И овогодинешното издание за нас ќе остане во убаво сеќавање, со оглед на тоа што повторно македонска агенција беше меѓу лауреатите кои се закитија со признание од најголемиот креативен фестивал. Севкупно Cannes Lions порасна и по број на пријавени проекти и по број на предавања и по број на посетители.
Во Саботата вечерта беа доделени и последните награди кои оддадоа признание на повеќе успешни проекти во некои од најважните категории, но традиционално се доделија и неколку специјални награди. Ќе почнеме од нив:
-За Агенција на годината е прогласена њујоршката R/GA,
-За најдобра независна агенција е прогласена Droga 5,
-За Агенциска мрежа на годината Ogilvy&Mather ,a
– За холдинг на годината WPP.
The Palme d’Or признанието кое се доделува за најнаградуваната продукциска компанија ја доби Smuggler USA. Blink UK беа втори а Somesuch UK трети.
Во категоријата филмски огласи, доделени се вкупно 101 награда, меѓу кои и две Гранд При. Првото Гранд При го освои бразилската F/NAZCA Saatchi & Saatchi São Paulo за рекламата Leica Gallery São Paulo, снимена по повод стогодишнината на германскиот производител на фотоапарати Leica.
Втората Гранд При награда припадна за американската Martin Agency, која за американската осигурителна куќа Geico креираше оглас насловен како Unskippable: Family Long Form 01.
Во категоријата продукција на филмски огласи Гранд При признанието го освои лондонската adam&eveDDB за проектот Monty’s Christmas , интересниот празничен оглас креиран за британскиот бренд John Lewis.
Во категоријата брендирана содржина, не беше доделена Гранд при награда а по тој повод претседателот на жирито David Lubars, главниот креативец на BBDO Worldwide кажа дека жирито не успеа да го пронајде “онај единствени елемент за кој би говореле и после десет години“, што го препиша на фактот дека оваа категорија сеуште се развива.
Титаниумскиот Гранд При, наменет за проекти кои не ги померуваат само границите во огласувањето туку и во креативноста во целост, оваа година припадна за американската агенција CP+B за проектот “Emoji Ordering“ на американскиот ланец Domino.
Гранд при за целосна огласувачка кампања доби и агенцијата Wieden+Kennedy од ЊуЈорк за проектот RE2PECT на Најковиот бренд Jordan.
Оваа година на Cannes Lions присуствуваа повеќе од 13,500 делегати кои имаа можност да чујат повеќе од 500 говорници и да ги погледнат најдобрите проекти од вкупно пријавените над 40,000.