Меѓународната асоцијација за односи со јавноста (IPRA), во соработка со водечки светски академици и експерти од индустријата, го претстави документот „Gold Paper no. 19: Етички стандарди и упатства за употреба на вештачка интелигенција (ВИ) во односите со јавноста (ПР)“. Оваа публикација обезбедува сеопфатна рамка за одговорно воведување на технологии со вештачка интелигенција во односите со јавноста, нагласувајќи ја важноста на транспарентноста, точноста и ефективните комуникациски практики во дигиталната ера.
Вештачката интелигенција забрзано го трансформира полето на односите со јавноста, носејќи нови можности за автоматизирање на креирањето содржини, медиумското таргетирање и аналитиката. Во исто време, се појавуваат и предизвици поврзани со вистинитоста, приватноста, пристрасноста и одговорноста. Препознавајќи ја растечката потреба за етички насоки, „Gold Paper no. 19″ се надоврзува на претходни документи како Упатството за вештачка интелигенција и односи со јавноста на IPRA (2023) и Принципите за вештачка интелигенција на УНЕСКО (2021), нудејќи серија конкретни препораки и работни методи прилагодени на ПР индустријата.
„Додека ја славиме 70-годишнината на IPRA, етичката комуникација останува темелна вредност на нашата асоцијација. Овој документ е вреден ресурс за ПР професионалците ширум светот, помагајќи им да го искористат потенцијалот на технологиите за вештачка интелигенција во нивната работа на одговорен начин, притоа зачувувајќи го интегритетот на професијата“ – нагласува Наташа Павловиќ Бујас, претседателка на IPRA.
Најважните точки кои ги истакнува „Gold Paper no. 19″ се:
- Тековна состојба и предизвици во употребата на вештачка интелигенција во односите со јавности: вклучувајќи заклучоци од глобални истражувања за нивото на усвојување на алатки со вештачка интелигенција во ПР индустријата;
- Етички стандарди: упатства кои се однесуваат на транспарентноста, точноста, човечкиот надзор, заштитата на податоците и правичноста;
- Најдобри практики: препораки за успешна имплементација и одговорна употреба на технологиите со вештачка интелигенција;
- Улогата на IPRA: планови за едукација, застапување и професионална обука, кои треба да им помогнат на ПР професионалците полесно да се снаоѓаат во сè подинамичното технолошко опкружување;
- Глобална перспектива: публикацијата е резултат на работата на експерти од водечки универзитети и институции низ Европа, Соединетите Американски Држави, Австралија и Обединетите Арапски Емирати, што обезбедува повеќеслоен и глобално релевантен пристап кон темата.
Документот е достапен за преземање на следниот ЛИНК.