Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје ја најави промоцијата на каталогот „100 предмети од збирките на Археолошкиот музеј“ – издание што претставува сведоштво за долгогодишната посветеност кон истражувањето, зачувувањето и претставувањето на македонското културно богатство.
Промоцијата ќе се одржи на 27 февруари (четврток), со почеток во 12:00 часот, во конференциската сала при Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје.
Ова издание е резултат на тимска работа, љубов кон археологијата и желба за едукација и инспирација. Во подготовките на каталогот ,,100 предмети од збирките на Археолошкиот музеј” учествуваа 20 кустоси, а издавањето го овозможи Министерството за култура и туризам.
Каталогот ќе биде промовиран од министерот за култура Зоран Љутков и професорот д-р Драги Митревски.