Членовите на регионалниот актив на новинари „Исток“ по десетти пат ги доделија признанијата за најистакнатите личности од Источниот регион на Македонија во повеќе категории и области од општественото живеење.
Меѓу овогодинешните добитници на овие признанија се најде и Лилјана Варадиновска од Штип, инаку основач, сопственик и продуцент во агенцијата „Маркетинг микс“, која ја освои наградата за најдобра менаџерка во областа на маркетингот.
По 15 години во медиумската сфера, Лилјана одлучи да ја основа агенцијата и продукција „Маркетинг микс“ во 2010 година, следејќи го своето интуитивно чувство за поголема широчина и слободен простор за креативен и личен израз. „Тогаш бев полна со идеи, контакти и визии, комплетна и зрела за да отворам сопствена маркетинг агенција и продукција. Така се роди Маркетинг Микс, мало, но надежно светло од истокот на Македонија“ – објаснува Варадиновска.
Од 2010 година наваму, компанијата бележи значителни успеси и остварува успешна соработка со поголем број клиенти на локалниот, регионалниот и националниот пазар, со планови за идна експанзија и на меѓународно ниво.
„Како професија може да се живее од маркетинг, но ако имате долгогодишен бекграунд, мрежа и визија за иднината. Јас секогаш имам проект во ракав, идеја или џокер со кој ќе го свртам вниманието на јавноста. Мала продукција, но тактилна и диригирачка во медиумите. Во случајот на клиентите со кои „Маркетинг Микс“ има лојална или повремена соработка, освен резултатите и нивните оценки, зборуваат и коментарите и писмените признанија во облик на благодарност, задоволство и мотивација за да се продолжи понатаму“ – заклучува Варадиновска.
Официјалната церемонија на доделување на наградите, под наслов „Ноќ на источните оскари“, ќе се одржи во месец април во Свети Николе.