Овогодинешното доделување на американските филмски награди Оскар го гледале нешто помалку од 18.1 милиони луѓе, што претставува пад во гледаноста од околу 7% во однос на минатата година.
Тој вкупен број на гледачи, кој доаѓа од комбинацијата на мерењата на Nielsen за бројот на линеарни гледачи на телевизијата ABC заедно со преносот во живо на онлајн стриминг сервисот Hulu, го означува првиот пад во гледаноста на Оскарите во последните четири години.
Во 2021 година, првата церемонија по почетокот на пандемијата Ковид-19 забележа историски минимум од 10,4 милиони гледачи, но најважната ноќ во Холивуд забележа последователен раст во следните три години, достигнувајќи 16,6 милиони гледачи во 2022 година, 18,8 милиони гледачи во 2023 година и 19,5 милиони гледачи во 2024 година.
Сепак, бројката од 18,1 милион гледачи е доволна за да ги направат Оскарите најгледаната забавна телевизиска програма во сезоната 2024-2025 (несметајќи ги тука спортските и информативните програми).