Во динамичниот свет на финансии и осигурување, професионализмот, стратешкото размислување и посветеноста на човечкиот капитал се клучни фактори за успех. Еден од најистакнатите професионалци во оваа индустрија кај нас несомнено е и Бојан Москов, искусен професионалец кој бизнисот имал прилика да го види и од аспект на банка, од аспект на брокерско друштво, но и од аспект на осигурителна компанија.
Неговото долгогодишно искуство му овозможи не само да ги следи трендовите, туку и да биде активен креатор на промени што носат позитивно влијание за компаниите и за клиентите. За Бојан, градењето на реноме во оваа индустрија не е само прашање на бројки и профит, туку пред сè на доверба, тимска работа и стратешки развој – а денеска токму на овие теми ќе поразговараме со него:

Маркетинг365: Господине Москов, како се развиваше вашиот професионален пат и кои се клучните моменти што го обликуваа вашиот пристап кон работата?
Бојан Москов: Мојата кариера е резултат на стратешки избори, континуирано учење и градење силни деловни релации. Почнав во банкарството, каде што стекнав дисциплина и разбирање за финансиските механизми, продолжив во брокерството, што ми даде поширока перспектива за пазарите, а во осигурителната индустрија научив колку е важно да се гради долгорочна вредност.
Меѓународното образование во Англија, САД и Грција, заедно со бројните едукативни програми, ми овозможија не само знаење, туку и пристап до глобална професионална мрежа. Верувам дека долгорочните односи се градат со принципот „вложи повеќе отколку што очекуваш за возврат“, бидејќи реципроцитетот е природен процес.
Ако вака кратко би ги сублимирал трите најважни принципи кои го обликуваат мојот пристап кон секоја работа тие несомнено биле: 1. Јасна визија – без стратешка насока, дури и најдобрите можности остануваат неискористени; 2. Градење доверба – успехот не е само во бројките, туку многу повеќе во односите и репутацијата која ја градиме и 3. Адаптибилност – најуспешни се оние што ги препознаваат и користат промените како предност.
Од денешен аспект, гледајќи наназад, знам дека клучниот момент во мојата кариера не беше поврзан со бројките, туку со луѓето. Сфатив дека најголемиот капитал на секоја компанија се нејзините вработени. Визија, стратегија и аналитика се важни, но без силен тим – тие остануваат само идеи на хартија
Маркетинг365: Во секој бизнис, но особено во финансиската и осигурителната индустрија, довербата е основа на секој однос. Како Вие лично ја градите и одржувате довербата со клиентите и деловните партнери?
Бојан Москов: Довербата не се гради со зборови – се гради со дела. Ако на клиентите им ветите сигурност, треба да бидете таму кога им е најпотребна. Ако на партнерите им ветите стабилност, вашите постапки треба да го потврдуваат тоа секој ден.
Би рекол дека најважно е да се комуницира искрено во секоја интеракција за да клиентите и партнерите знаат дека можат да ви веруваат. Довербата не се гради преку ноќ, туку со години, преку доследни резултати. Без разлика дали станува збор за клиент, вработен или партнер, секој што работи со вас треба да чувствува дека неговите потреби се разбрани и уважени.
Маркетинг365: Често се зборува дека компаниите се успешни онолку колку што е успешен нивниот тим. Како Вие гледате на значењето на човечките ресурси во бизнисот, и што е најважно за градење на силна и мотивирана работна средина?
Бојан Москов: Компанијата не е зграда, не е бренд, не се бројките во билансот. Компанијата е највеќе од се’ тимот што ја носи напред. Можете да имате најдобра стратегија на светот, но ако немате луѓе што веруваат во неа – ништо не сте направиле.
Во градењето на силен тим има неколку работи кои мора да се исполнат за поединците од тој тим да имаат успех поединечно и заедно. Најважно е да има јасна визија, потоа да има култура на препознавање и наградување (мотивиран тим) и на крај јасно да се препознава просторот за раст – ако ги задржувате луѓето во иста позиција, на крајот ќе ги загубите.
Јас верувам дека најдобрите компании не само што привлекуваат талентирани луѓе, туку знаат како да ги задржат и да ги направат уште подобри.
Маркетинг365: Кои се најголемите предизвици во привлекувањето и задржувањето на талентирани кадри во финансискиот и осигурителниот сектор? Како компаниите можат да ги надминат овие предизвици?

Бојан Москов: Според мене, најголемиот предизвик е што талентираните кадри денес бараат повеќе од стабилна плата – тие сакаат и: можности за развој – Компаниите треба да нудат кариерен раст и континуирано учење; флексибилност и баланс – современите професионалци вреднуваат работна средина што поддржува баланс меѓу приватниот и професионалниот живот како и силна корпоративна култура – талентите остануваат таму каде што се ценети и каде што гледаат перспектива.
Од искуство, компаниите секогаш треба да имаат на ум две многу важни работи, најпрво да создадат култура на иновација и да имаат силно лидерство. Факт е дека луѓето најчесто не го напуштаат бизнисот, туку лошите лидери.
Маркетинг365: Осигурувањето и финансиските услуги постојано се развиваат, особено со влијанието на технологијата и новите регулативи. Кои според Вас се најголемите промени во индустријата во последните години и како компаниите треба да се адаптираат?
Бојан Москов: Технологијата веќе не е иднина – таа е сегашност. Финансиските компании што не инвестираат во дигитализација нема да преживеат на долг рок. Клучни промени што го трансформираат секторот се автоматизацијата и насочувањето кон data-driven одлучување.
Финансиските услуги мора да бидат брзи, ефикасни и достапни 24/7 а аналитиката и AI системите дефинитивно овозможуваат подобро управување со ризикот.
Клучот за успех? Адаптација! Победуваат оние што први ќе ги прифатат промените и ќе ги искористат како предност.
Маркетинг365: Конечно, каков совет би им дале на младите кои сакаат да градат кариера во финансии, осигурување или воопшто во бизнисот? Што е најважно што треба да го научат во почетокот на нивниот пат?
Бојан Москов: Три клучни совети би им дал на идните колеги:
Прво – Континуирано учење – Финансискиот сектор е динамичен, а знаењето е најголемиот капитал. Важно е од старт да научите добро да анализирате, бидејќи финансиите се “игра” на податоци и стратегија.
Второ, но не и помалку важно – Градење релации – Нетворкингот е моќен ресурс, но само ако се гради со интегритет. Опкружете се со паметни и амбициозни луѓе.
Трето – Флексибилност и стратегија – Успешни се оние што знаат да се прилагодат, но и да размислуваат долгорочно. Важно е да се погледне подалеку од само бројките.
Кој ќе ги примени овие принципи, нема само да гради кариера – ќе гради УСПЕХ ШТО ТРАЕ!