Денешен гостин на Маркетинг365 е Војдан Јорданов, претседател на УО на Здружението на словенечки и македонски стопанственици, односно Словенечко-македонскиот бизнис клуб и воедно извршен директор на Триглав осигурување АД Скопје. Со него разговараме за мисијата и целите на клубот, за можностите и предизвиците со кои се соочуваат компаниите на македонскиот и словенечкиот пазар, како и за напорите на бизнис заедницата во развојот на билатералните односи помеѓу Македонија и Словенија.
M365: Како претседател на Словенечко-македонскиот бизнис клуб, ќе можете ли да нè запознаете со работењето на Вашата организација, со нејзината мисија и цели? Како се развиваше организацијата од нејзиното основање?
Војдан Јорданов: Словенија како економија со децении наназад е еден од најголемите трговски партнери и инвеститори во македонската економија. Заради значајните деловни врски кои ги негуваме и постоењето на критична маса на компании присутни и на двата пазари, одлучивме да го формираме клубот како платформа за вмрежување, размена на информации, меѓусебна поддршка, но и комуникација со институциите во двете земји.
Иницијативата за нашето здружение започна на крајот на 2021 година, по долг период без формално здружување на компаниите кои работат на словенечкиот и македонскиот пазар. Официјално го формиравме здружението во aприл 2022 година, тогаш со 22 основачи. Сите членки имаат свој претставник во собранието на клубот, додека дел се вклучени и во управниот и надзорниот одбор.
Главна цел на клубот е подобро поврзување на македонските и словенечките компании, а со тоа и економии заради остварување на пообемна трговска размена и додадена вредност. Тоа го правиме преку настани за вмрежување, изнаоѓање институционални решенија за подобра соработка, информирање за потенцијални инвестиции, изнаоѓање заеднички проекти и многу други активности.
M365: Како би ги опишале актуелните економски односи меѓу двете земји? Во кои индустрии е најзабележителна деловната соработка помеѓу Македонија и Словенија?
Војдан Јорданов: Многу словенечки компании работат кај нас и на македонците им се добро познати, но и многу македонски компании работат во Словенија. Словенечките групации се веќе „одомаќинети“ имиња во финансискиот сектор. Една од трите најголеми банки е НЛБ Банка, јас доаѓам од Триглав Осигурување, односно Групацијата Триглав, а во осигурителниот сектор се присутни уште две групации (Сава Осигурителна Групација и Прва Груп). Понатаму, три пензиски друштва, инвестициски фондови, лизинг, друштва за посредување, и така натаму. Би можел да речам дека не постои финансиска услуга или производ кај нас, а таму да не е присутен некој словенечки бренд.
Но, словенечки компании се присутни и во многу други области, во автомобилската индустрија (ЛТХ Леарница, ТАБ-МАК), прехранбената индустрија (Перутнина Птуј), Информатичките технологии (Контрон и Искра Системи), градежништвото (Тримо), енергетиката (Колектор), рент-а-кар и car sharing (Авант-кар), фармацијата, а и во многу други индустрии.
Од друга страна, и македонските компании се сѐ поприсутни на словенечкиот пазар. Препознатливи примери се Алкалоид со значајно присуство во Словенија, ИГМ Трејд со инвестициите во производство. Но, постојат уште бројни други компании кои ги пласираат своите производи и услуги во Словенија, или преку Словенија кон другите земји во Европската унија.
Трговската размена изнесува околу 400 милиони евра на годишно ниво, што ја прави Словенија еден од топ 15 трговски партнери на Македонија, а покрај тоа е и една од топ 10 земјите со најмногу директни инвестиции кај нас.
Се разбира, ние целиме кон уште поширока соработка и меѓусебна поддршка во економскиот развој во уште повеќе индустрии.
M365: Кои се главните предизвици со кои се соочуваат компаниите кои работаат меѓу овие две земји? Како здружението ја олеснува интеграцијата на словенечките компании на македонскиот пазар?
Војдан Јорданов: Пред да се фокусираме на предизвиците, би потенцирал дека е очигледно дека македонскиот пазар е атрактивен за словенечките компании, што се докажува со нивното големо присуство. Тие ја користат можноста навремено да се позиционираат на нашиот пазар, кој е во развој.
Најчестите предизвици при настап на нашиот пазар се однесуваат на честите долги и непотребни административни процедури, повремената неодзивност на институциите, ограничената комуникација помеѓу компаниите и државата. Иако Македонија има напредок во однос на деловното опкружување, често се соочуваме со предизвици во работењето кои негативно влијаат на продуктивноста и ефикасноста на компаниите, а не придонесуваат кон подобра економија или општество.
Некои колеги се соочуваат со бавни постапки за обезбедување уверенија или лиценци потребни за секојдневно работење, други со нејасни правила за работа, трети со необезбедена инфраструктура, и така натаму. Тоа што можам да го заклучам е дека повеќето предизвици се однесуваат на работи кои се поприлично лесно решливи доколку се стават во фокусот на институциите.
Како здружение, се обидуваме да им овозможиме канал за комуникација на сите наши членки кон релевантните институции, но и мрежа на поддршка од другите членки.
Неминовен фактор во овие активности е Амбасадата на Република Словенија, која преку соработката со здружението, на компаниите им нуди значајна поддршка во работењето во рамки на своите ингеренции.
M365: Покрај претседателската улога во Словенечко-македонскиот бизнис клуб, вие сте воедно и извршен директор на Триглав осигурување АД Скопје. Кои се сличностите и разликите помеѓу македонскиот и словенечкиот осигурителен сектор?
Војдан Јорданов: Освен присуството на неколку исти групации во двете земји, како и големината на земјите, би рекол дека други сличности во осигурителните сектори на двете земји не постојат.
Гледајќи по вкупниот износ на осигурителна премија по жител, соодносот помеѓу двете земји е 1 наспроти 12. Просечната премија по жител во Македонија е околу 150 евра, додека во Словенија изнесува над 2.500 евра. Разликата се должи на повеќе фактори кои создаваат различна структура на осигурителниот пазар.
Во Македонија сè уште доминира автомобилското осигурување со безмалку 45% од вкупната премија за осигурување на пазарот, додека во Словенија доминантно е осигурувањето на имот со околу 50% од вкупната премија. Кај нас сеуште се купува осигурување само заради тоа што е задолжително заради регистрација на возилото или патување. И покрај тоа, премијата од автомобилските осигурувања е околу 7 пати повисока во Словенија, делумно заради многу повисоките цени, делумно заради поголемата пенетрација на авто каско осигурувањето. Се разбира во Словенија има и поголемиот број на возила.
Што се однесува до имотните осигурувања, Словенија значајно отскокнува во однос на стапката на осигурување на имоти во споредба со Македонија. Едноставно кажано, во Македонија околу 9 од 10 имоти не се осигурани, додека во Словенија околу 3 од 10 имоти не се осигурани. Со тоа кај нас е создаден таканаречен осигурителен јаз од скоро 90%, што значи дека многу голем дел од имотот во државата е незаштитен од штета или губење заради различни ризици. Ова претставува и значаен финансиски ризик за граѓаните, компаниите и целата економија. Доколку во Македонија се случат поплавите кои се случија во Словенија пред 2 години, делот на штети кој ќе остане на товар на граѓаните и државата би бил значајно поголем од тој во Словенија.
Во Македонија се забележува значаен раст на здравственото осигурување, како последица на се поголемиот интерес за приватно лечење. Ова осигурување е една светла точка од аспект на осигурителниот пазар бидејќи покажа дека постои простор за воведување на нови производи кои ќе генерираат значајна премија (приход). Веќе десетици илјади осигуреници се опфатени во приватното здравствено осигурување.
Разликите се очигледни и ние како осигурителна индустрија имаме своја одговорност во спроведување на развојни стратегии и подобрување на осигурителниот пазар во целост. Но, оваа индустрија е многу зависна и од соодветното уредување и регулирање на пазарот, создавање на еднаков пазар за сите и владеењето на вистински вредности. Осигурителниот, како и многу други индустрии, се соочуваат токму со тие предизвици.
Како дел од осигурителната индустрија, тврдам дека квалитетот, знаењата и професионалноста на нашите вработени е на многу високо ниво, а стандардите на работа многу блиски до тие во европските земји.
M365: Какви се плановите и кои се клучните цели на Словенечко-македонскиот бизнис клуб во следната година?
Војдан Јорданов: Наскоро завршува третата година од постоењето на клубот. Со задоволство можам да заклучам дека имавме три успешни години досега, со многу настани кои беа одлично посетени, отворија значајни теми, и овозможија многу контакти за нашите членки.
Во следниот период ќе го прошириме работењето на поконкретни активности за презентирање и советување околу инвестициските можности во двете земји, деловните проекти на кои можат компаниите да соработуваат, олеснување на увозот и извозот. Планираме да обезбедиме онлајн платформа за спојување на понудувачи и добавувачи (B2B matching) со што ќе обезбедиме директен контакт помеѓу компаниите.
На крајот на март, заедно со словенечката агенција СПИРИТ организираме деловен настан на Планица, на кој ќе учествуваат компании од 9 земји, што е одлична можност за нашите компании кои сакаат да се шират на повеќе пазари.
Клубот тековно овозможува деловно советување за сите словенечки компании кои се заинтересирани за македонскиот пазар, но и за сите македонски компании кои се интересираат за словенечкиот.
Ќе ја продолжиме нашата соработка со студентите, со двете амбасади, стопанските комори во двете земји, и со институциите.
За крај, би сакал да им понудам отворена соработка на сите компании, институции и организации кои ќе се пронајдат во нашите цели и работење, особено во зголемувањето на соработката помеѓу нашите две земји.