IAB Europe, во соработка со истражувачката агенција Kantar, претстави нова сеопфатна студија за перцепциите на европските потрошувачи за онлајн огласувањето, заштитата на приватноста и вредноста на бесплатните дигитални услуги.
Студијата спроведена од водечката истражувачка агенција Kantar опфаќа интернет корисници постари од 16 години на 12 европски пазари за да обезбеди репрезентативен примерок на потрошувачи во рамките на Европската унија. Притоа биле спроведени вкупно 10.500 интервјуа, обезбедувајќи сигурна основа за разбирање на ставовите на потрошувачите низ ЕУ – по 1.000 во Германија, Франција, Италија, Шпанија, Полска, Шведска, Холандија, Чешка и Белгија и по 500 во Данска, Ирска и Норвешка.
Податоците откриваат дека просечниот европски потрошувач користи бесплатни онлајн услуги во вредност од 212 евра месечно, што јасно укажува на важноста на дигиталниот екосистем финансиран од реклами. Истражувањето покажува и дека 60 отсто од испитаниците го сметаат моделот „pay or consent“ („плати или дај согласност“) за оправдан, но само доколку јасно им се објасни размената на вредности помеѓу личните податоци и пристапот до бесплатни содржини.
Мнозинството потрошувачи, дури 80 проценти од нив, претпочитаат помалку реклами кои се прилагодени на нивните интереси, во споредба со генеричките реклами што се прикажуваат случајно и без контекст. Овие наоди јасно укажуваат на важноста на персонализацијата и релевантноста во дигиталното огласување, но и потребата од поголемо ниво на транспарентност и избор за корисниците.
Со оглед на актуелните регулаторни дебати во Европската унија, резултатите од оваа студија доаѓаат во клучен момент и претставуваат важна алатка за обликување на идните регулативи и деловни модели во дигиталниот простор.
Целосната студија е достапна за симнување на следниот ЛИНК.