Секоја година во Грција се одржуваат над 50.000 свадби, речиси секогаш придружени со традиционалното „фрлање“ ориз врз младенците – вековен обичај што симболизира просперитет и плодност. Сепак, оваа практика резултира со фрлање на стотици тони ориз за јадење во отпад, додека локалните производители се мачат да ја задоволат побарувачката на потрошувачите.
Препознавајќи ја оваа контрадикторност, канцеларијата на McCann Worldgroup од Атина, во соработка со Wikifarmer и Примарната земјоделска задруга на Кулакија (Халастра) кај Солун, претставија уникатен производ: „Ориз за венчавки“ (“The Wedding Rice”). Достапен по ексклузивна цена преку веб-страницата на Wikifarmer, оваа иницијатива го пренаменува некомерцијалниот ориз кој инаку е отфрлен поради строгите пазарни стандарди. На овој начин, еднаш фрлениот ориз добива втор живот, трансформирајќи ја долгогодишната традиција во одржлива практика.
Благодарение на оваа иницијатива, земјоделците имаат бенефит, отпадот од храна се намалува, а омилената традиција продолжува да се негува – обезбедувајќи секое квалитетно зрно ориз да заврши на нечија чинија, а не на земја.
„Огласувањето се промени, го оставивме зад себе традиционалниот начин на размислување. Повеќе не е доволно да направите само ТВ спот или кампања на социјалните мрежи. Огласувањето денес значи идентификување на проблемите и изнаоѓање решенија преку самите ваши клиенти. Ако треба да креирате производ од нула за да решите проблем, тогаш тоа е она што треба да го направите. Целта е да им се каже нешто реално на потрошувачите, да се допре постоечки проблем и да се има вистинско влијание, да се придонесе за промена на подобро. А, тоа може да започне дури и од зрно ориз“ – истакнува Панос Пагонис, креативен директор на McCann Worldgroup Athens за бизнис магазинот Business Today.