Интервју со Александар Богоевски, извршен директор на Европскиот Младински Олимписки Фестивал, што од 20 до 26 јули ќе се одржи во Скопје и Куманово.
1. Како се одвиваат подготовките за ЕМОФ Скопје 2025 и до каде сте во моментов со реализацијата на планираните активности?
Богоевски: Подготовките се одвиваат интензивно и веќе влегуваме во фаза кога секој ден и секој чекор е клучен. Во изминатиот период завршивме со неколку важни етапи – техничките инспекции, координацијата со националните спортски федерации, како и финализирањето на голем дел од логистичките решенија. Сите локации се мапирани, спортската програма е заклучена, и сме во процес на финиширање на оперативните планови по сектори. Особено сме горди што успеавме да ја зајакнеме меѓусекторската соработка – институциите, општините и приватниот сектор се активно вклучени. Имаме јасна временска рамка до јули и работиме според детална агенда што секојдневно ја следиме и ажурираме.
2. Зошто ЕМОФ е значаен настан за Македонија и што значи за државата да биде организатор на еден ваков голем спортск настан?
Богоевски: ЕМОФ Скопје 2025е повеќе од спортски настан – тоа е платформа преку која една земја се позиционира пред европската јавност. Македонија, како најмала земја која досега го организирала фестивалот, има единствена шанса да испрати порака за својата зрелост, капацитет и отвореност. Овој фестивал ќе донесе повеќе од 4.000 спортисти, тренери и делегации од 49 европски земји, кои ќе живеат, тренираат и се натпреваруваат тука. Тоа е вистинска културна и спортска симбиоза. Освен тоа, ЕМОФ ќе влијае и на подолг рок – ќе остави нови спортски објекти, мотивирана млада популација, волонтерска мрежа и зајакнато чувство на самодоверба кај сите нас како општество.
3. Дел од подготовките беше и неодамна одржаниот семинар Chefs de Mission. Како помина и какви беа впечатоците од европските делегации кои беа во Скопје?
Богоевски: Семинарот Chefs de Mission е стандардна практика пред секој ЕМОФ, каде што се сретнуваат сите претставници на националните олимписки комитети за да се запознаат со градовите домаќини и со логистичките детали. Тоа беше првиот официјален контакт на голем број од нив со Македонија воопшто. Она што го добивме како фидбек беше навистина охрабрувачко – одушевени беа од организацијата, отвореноста и професионалноста на нашиот тим, но и од енергијата што ја пренесуваме. Голем дел од нив првпат доаѓаат тука и искрено признаа дека не очекувале толку високо ниво на подготвеност. Тоа ни даде дополнителен импулс и самодоверба, но и ни потврди дека Европа навистина не гледа и не следи – а тоа значи дека не смееме да си дозволиме ништо помалку од совршенство.
4. На 12 април се одбележаа 100 дена до почетокот на фестивалот со настан позади Ист Гејт Мол. Како го оценувате настанот и неговото влијание врз јавноста?
Богоевски: Настанот „100 дена до ЕМОФ“ беше првиот голем јавен сигнал дека фестивалот се приближува. Од самиот концепт до последниот момент – се беше насочено кон активирање на граѓаните, особено младите. Имавме турнири во 3х3 баскет, забавни активности, презентации на олимписките вредности, но и средби со идните волонтери и спортисти. Тоа беше настан во кој спортот и забавата се споија со вистинска граѓанска енергија. Нашата цел беше јавноста да го почувствува фестивалот како нешто свое, а одзивот ни покажа дека таа цел е остварена. Луѓето почнуваат да се идентификуваат со ЕМОФ – како проект што ја претставува Македонија во вистинско светло.
5. Какви се следните чекори до самиот почеток на фестивалот во јули и што може да очекува јавноста од самиот настан?
Богоевски: Следните три месеци се клучни. Ќе се одржат симулациски вежби, ќе се финализираат мобилните тимови, ќе се направат дополнителни тренинзи за волонтерите и ќе продолжиме со комуникациските активности. Паралелно, ќе се организираат дополнителни обуки за нашите волонтери, кои се едни од најважните алки во целиот процес. Покрај тоа, ќе продолжиме со комуникациските активности кон јавноста и медиумите, со цел фестивалот да биде препознаен од сите граѓани.
Што се однесува до спортската програма, ЕМОФ Скопје 2025 ќе опфати 15 спортови и тоа: атлетика, бадминтон, кошарка, баскет 3х3, кану слалом, велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг понг, теквондо, одбојка, планински велосипедизам и гимнастика. За време на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин на најголемиот дел од натпреварите, додека Куманово ќе ги пречека велосипедистите и кошаркарите. Уникатниот спортски амбиент ќе биде дополнет со натпреварите во гимнастика, кои ќе се одржат во Осиек, создавајќи вистинска олимписка атмосфера низ различни локации.
Очекуваме над 4.000 учесници, меѓу кои млади спортисти од 49 европски земји, нивните тренери и официјални делегации, како и бројна домашна публика. Заедно со сите дополнителни активности – културната програма, едукативните панели и интеракциите меѓу младите од цела Европа – ова ќе биде празник на спортот, младоста, различноста и европските вредности. Јавноста ќе има отворен пристап до голем дел од натпреварите, а атмосферата ќе биде вистински олимписка – исполнета со енергија, боја, позитивни емоции и нови пријателства.
6. Каква е вашата лична визија – што посакувате да остане зад ЕМОФ Скопје 2025?
Богоевски: Мојата лична желба е ЕМОФ да остави траен белег. Да докажеме првенствено на нашите сограѓани, но и на светот, дека и Македонија може да организира комплексен, европски и олимписки спортски фестивал на највисоко ниво. Посакувам младите генерации да го паметат ЕМОФ како момент кога се инспирирале да спортуваат, да се вклучат во заедницата, да станат волонтери или да го следат својот сон.
Исто така, важно ми е што ќе остане зад нас – нови или реновирани спортски капацитети кои ќе им служат на генерациите што доаѓаат, обучени кадри, воспоставени процеси и знаење што ќе може да се пренесе на други проекти. Но пред сѐ, сакам да изградиме чувство на заедништво и гордост кај секој граѓанин – дека сме биле дел од нешто големо, европско и исклучително вредно. Тоа ќе биде вистинскиот успех. ЕМОФ е повеќе од фестивал – тоа е пресвртница, можност да покажеме ново лице, нов дух и нова енергија на Македонија. Тоа е визијата која ме води секој ден.