Во пресрет на првиот македонски фестивал на дигитална креативност и технологии Socialize 2025, наш денешен гостин е Владимир Ристевски, партнер и креативен директор на агенцијата Пиксел и извршен директор на Евентика – организацијата која стои позади фестивалот Socialize 2025.
Со него разговараме за инспирацијата позади настанот, за планираниот придонес кон развојот на македонската дигитална индустрија, за содржините на премиерното издание и најавените говорници, за доделувањето на професионалните награди, како и за идните планови за натамошен развој на фестивалот.

M365: На 24 април во Скопје ќе се одржи премиерното издание на фестивалот на дигитална креативност и технологии „Socialize“. Зошто се одлучивте да организирате еден ваков настан и како очекувате тој да придонесе кон развојот на дигиталната креативност на македонскиот пазар?
Владимир Ристевски: Македонија долги години „плаче“ за ваков настан. Имаме раст на мали и специјализирани дигитални маркетинг-агенции, имаме феноменални и креативни професионалци кои работат на светски проекти и за светски компании, а сè уште немаме настан каде што можеме еден од друг да учиме, да се вмрежуваме, да разменуваме искуства и да се гордееме со фактот дека во една мала земја како нашата има толку многу талент. Дополнително, имаме и домашни технолошки компании кои, преку нивните уникатни и оригинални производи, креативниот и храбар пристап кон маркетингот и брзото градење на способни тимови, успеале да се пробијат на светско ниво. Оттука дојде и темата на конференцискиот дел од фестивалот – „Локални ѕвезди со глобални успеси“. Но сакавме ова да биде многу повеќе од само конференција, па затоа го применивме нашиот веќе препознатлив потпис на компанијата Евентика и воведовме дел со награди, вмрежување во забавна експо зона, работилници и уникатна анализа, која треба да им донесе додадена вредност на сите од фелата.
M365: Што можат да очекуваат гостите на Socialize 2025? На кои содржини ќе биде ставен програмскиот акцент на премиерното издание и чии сè експертски мислења ќе имаат можност да ги чујат?
Владимир Ристевски: Очекувањата треба да бидат еднакво високи како и самата агенда. Како што спомнав и претходно, фокусот ќе биде на најдоброто што може да се чуе од успешни локални професионалци и претприемачи кои се пробиле и надвор од границите на Македонија – како Коста Петров, Никола Соколов, Никола Велковски, Теона Сима, Марија Мешкова, Милан Савов. Ќе бидат присутни и истакнати локални експерти како Полексена Јанкуловска, Биљана Мишиќ, Александра Илиевски, Ненад Ристовски, Сашо Пешев, Бобан Милосавлески, Роберт Тодоровски, Ели Пешева, Огнен Огненоски. Тука се и најдобрите македонски контент креатори и инфлуенсери, истакнати професори од академската заедница и меѓународни ѕвезди на чело со Јасмин Алиќ, кој моментално е број еден контент креатор на Линкдин и еден од најбараните говорници на светско ниво.
Покрај феноменалниот избор на говорници и панелисти, посетителите ќе имаат можност да присуствуваат и на специјализирани работилници, кои ќе се одвиваат во експо зоната. Идејата е да има содржина за сите вкусови, со постојана интеракција, едукација и забава – во секој сегмент од настанот.
M365: Според најавите, фестивалот ќе вклучува и доделување награди во повеќе категории поврзани со креативната употреба на дигиталните технологии. Кои сè категории се опфатени во овој избор, каков беше процесот на оценување на поднесените апликации и како очекувате овие награди да влијаат врз македонската дигитална индустрија?
Владимир Ристевски: Наградите се уште еден начин да им се заблагодариме на сите кои креираат креативни кампањи, дигитални содржини и производи. Кај нас досега не се тангира оваа заедница и од тие причини решивме да ги мотивираме сите професионалци да се пријават за награди и како за прва година одѕивот е феноменален. За таа намена одбравме мешана жири комисија, составена од најдобрите експери во Македонија кои имаа тешка задача независно да оценуваат во категориите: најдобар UI/UX дизајн, најдобра мобилна апликација, најдобар поткаст, инфлуенсер на годината, дигитален дизајн на годината, најдобро кратко маркетинг видео, ѕвезда во подем на социјалните медиуми, најкреативна кампања на социјалните медиуми, најдобра општествено одговорна кампања на социјалните медиуми и најдобар регионален дигитален микс.
Сметаме дека со ваквото одважување на креативните и дигитални трудови ќе придонесеме македонските професионалци и креатори да продолжат да иновираат и во иднина и да се гордеат со своите дела, кои ја рефлектираат домашната експертиза и надвор од границите на државата.
M365: Каква е Вашата долгорочна визија за фестивалот Socialize? Во кои сè насоки можеме да го очекуваме неговиот иден развој?
Владимир Ристевски: Socialize како концепт треба да покрие два поголеми дела – првиот е тековниот фестивал за дигитална креативност и технологии, а вториот е „второто продолжение“, кое ќе ги опфати секторите на продажба и маркетинг и нивната кохезија, со цел да се долови дека двете области се клучни за квалитетен раст и развој на секоја компанија. На тој настан очекуваме да имаме висококвалитетни работилници, меѓународно познати говорници, одлични и детални пазарни анализи, како и награди со кои ќе ги уважиме професионалците кои работат на позиции како менаџери за маркетинг, продажба, комуникации, бренд-менаџери и други клучни улоги во компаниите, кои се од суштинско значење за успехот на било која организација. Замислата е Socialize да стане регионален бренд кој ќе го покажe потенцијалот на Македонија да собере публика од целиот регион.