Измамниците и сајбер криминалците украле рекордни 16,6 милијарди долари од Американците во 2024 година, што претставува зголемување од 33% на загубите во однос на 2023 година – соопшти ФБИ во нов извештај објавен на 23 април.
Извештајот објавен од Центарот за жалби за интернет криминал на ФБИ открива дека овие загуби веројатно се уште поголеми, бидејќи голем број од жртвите воопшто не ги ни пријавуваат ваквите случаи.
Во 2024 година, ФБИ примиле 859.532 жалби во врска со измами и други криминални активности на интернет. Поголемиот дел од пријавените загуби – речиси 83% – се должат на сајбер-измами, кои често вклучуваат кражба на пари, податоци или идентитет; или создавање фалсификувана стока или услуги, откриваат од Центарот за жалби за интернет криминал на ФБИ.
Жртвите на возраст од 60 години и постари биле најпогодената демографска група, кои поднеле повеќе од 147.000 жалби за сајбер-кринимал, со проценети загуби од над 4,8 милијарди долари. Обете бројки се зголемени за повеќе од 40% во однос на 2023 година. Во просек, постарите лица губат 32.600 долари по случај, во споредба со просек од 19.300 долари по случај за сите возрасни групи.
Во извештајот исто така се наведува дека „ransomware“-от останал најголемата закана за критичната инфраструктура на САД во 2024 година, при што поплаките се зголемиле за 9% во однос на 2023 година. Високопрофилните сајбер-напади ги поттикнаа федералните власти да вршат притисок врз компаниите и организациите да ја зајакнат својата безбедност.
„Бидејќи речиси сите аспекти од нашите животи станаа дигитално поврзани, површината за напади од страна на сајбер чинители експоненцијално порасна. Измамниците сè повеќе го користат интернетот за да ги украдат тешко заработените заштеди на Американците. А, со денешната технологија, може да се потребни само допири на тастатурата за да се киднапираат мрежи, да се онеспособат водоводните системи или дури и да се ограбат виртуелни берзи“ – во извештајот истакнува Б. Чед Јарбро, директор на ФБИ за сајбер криминал.