Данскиот бренд на пиво Tuborg лансираше нова кампања насловена “Feel the Drop”, чија цел е поврзување со младинските субкултури преку трансформативната моќ на музиката. Кампањата е насочена кон публиката од генерацијата Z, надоврзувајќи се на претходно истражување од брендот кое покажало дека 50% од испитаниците се чувствуваат премногу стресно за да се стремат кон забавни искуства.
Дејството во главниот рекламен спот се случува на некоја фестивалска сцена каде, во средината на толпата, еден млад човек е залепен за својот телефон и потполно отсуствува од „моментот“. Ситуацијата се менува кога диџејот на сцената отвора шише Tuborg, така што карактеристичниот звук на „пукање“ на капачето коинцидира со „падот“ во ритамот на музиката – предизвикувајќи го „будењето“ на публиката.
„Не изградивме кампања за да им кажеме на луѓето што да прават. Создадовме чувство. Чувство кое живее во басот, во хаосот, во ѕвукот на отворањето шише. Падот во ритамот не е само звук – тоа е промена. Прелом во бучавата. Тоа е момент на ослободување. Пулс на слобода. Па дури можеби и пат назад кон себе“ – истакнува Карл Анџело, креативен директор на данската агенција Worth Your While која стои позади кампањата.
Покрај рекламниот спот, кампањата исто така ќе вклучува надворешни и дигитални реклами со визуелен јазик кој се базира на сировите, несовршени, испотени и еуфорични изрази на луѓето кога се соживуваат со музиката.