Меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions го објави извештајот „Состојбата на креативноста 2025“ (“The State of Creativity 2025”), кој открива загрижувачки пад на креативната самодоверба во маркетингот и огласувањето.
Извештајот, базиран на глобална анкета со над 1.000 професионалци од индустријата, идентификува значителни предизвици кои го попречуваат реализирањето на смели и иновативни идеи.
Клучен наод е дека само 13% од компаниите се сметаат за подготвени да се соочат со креативни ризици, додека 29% признаваат дека во голема мера се трудат да избегнуваат ризици. Оваа воздржаност се наметнува и покрај податоците кои укажуваат дека брендовите што ризикуваат имаат четири пати поголеми шанси за повисоки профити и 33% поголема веројатност за долгорочен раст на приходите.
Извештајот посочува два главни проблеми: „потреба од увиди“ и „културно заостанување“. Половина од брендовите признаваат дека нивните увиди не се доволно силни за да поттикнат смела креативност, а само 13% ги оценуваат како силни. Дополнително, 57% од брендовите имаат тешкотии да реагираат навремено на културни моменти, најчесто поради бирократски процеси и ограничени ресурси.
Исто така, се забележува тренд на раст во однос на краткорочните маркетинг активности – од 53% во 2023 година, на 63% во 2025 година. Иако овие активности носат брзи резултати, извештајот нагласува дека долгорочното градење на брендовите е клучно за културна релевантност и флексибилност.
Патрик Џефри, потпретседател на LIONS Advisory, предлага дека дополнителна обука и развој на тимовите може да ја зголеми креативната самодоверба. Како што креативните тимовите стануваат посигурни во своите вештини, така расте и нивната подготвеност за преземање креативни ризици.
Извештајот служи како практична алатка за маркетерите, давајќи увид во предизвиците и можностите на денешниот креативен пејзаж. Тој ја нагласува важноста на силните увиди и културната агилност во создавање ефективни маркетинг стратегии.
Целиот извештај „Состојбата на креативноста 2025“ е достапен за преземање на следниот ЛИНК.