Како се гради кариера што ги надминува границите на индустриите, компаниите и регионите? Што значи да се биде лидер во време на промени, неизвесност и нови генерации на вработени?
Драган Филиповиќ, генерален директор на Генерали Осигурување Србија, човек кој диригира со тимовите како со оркестар, а лидерството го практикува со интегритет и визија, ќе биде еден од главните говорници на „The Economist MeetUp: Светот во 2026“, што ќе се одржи во декември во Скопје.
Во ова ексклузивно интервју, тој зборува за критичните точки во својот професионален развој, за тоа зошто добриот лидер не мора да ја познава секоја индустрија, но мора да ги познава луѓето – и како се гради доверба и тимска култура што опстојува.
- Вашата професионална патека опфаќа позиции од комерцијален менаџер до извршен директор во една од најголемите осигурителни компании во регионот. Кога ќе погледнете наназад, кои беа пресудните моменти во вашата кариера?
Драган Филиповиќ: Имав среќа во текот на кариерата да работам во најразлични индустрии: од индустријата за производи за домаќинство, преку автомобилската индустрија, до малопродажбата на производи за широка потрошувачка, а најдолго – во осигурителната индустрија. Како млад човек не можев со сигурност да кажам дали тоа е добро, но подоцна сфатив дека нема подобро нешто што може да му се случи на еден менаџер. Работејќи во толку различни гранки, сфатив дека за еден лидер е поважно начинот на кој ги водиш луѓето, како ја разбираш стратегијата, отколку колку длабоко ја познаваш конкретната дејност. Иако, секако, тоа оперативно знаење со текот на времето се стекнува и на крајот се подразбира.
Затоа, за мене најзначајни беа големите пресврти што ги доживеав, како на пример во 2011 година кога дојдов во ДЕЛТА Генерали, во осигурителната индустрија, која дотогаш ми беше целосно непозната. Претходно, во 2002 година, ја презедов управата со малопродажбата на ДЕЛТА Макси, која тогаш имаше 5 продавници. Кога заминав девет години подоцна, работевме на пет регионални пазари со повеќе од 500 малопродажни објекти. За мене лично, многу значајни беа и унапредувањата што ги доживеав во Генерали. Во 2016 година станав генерален директор на Генерали Осигурување во Србија, а во 2018 година станав и член на Global Leadership Group – тим што обединува околу 200 менаџери од Генерали групацијата, која вработува вкупно 72.000 луѓе.
- Како се развиваше вашиот лидерски стил со текот на времето? Дали би се опишале себеси повеќе како стратешки визионер или како оперативен архитект на стабилноста?
Драган Филиповиќ: Врвниот оркестар го сочинуваат одлични музичари-индивидуалци. Во тимот тие остануваат виртуози на своите инструменти, но како група дишат како еден и така создаваат врвна композиција. Мојата улога е да диригирам со оркестарот. Да ги поврзам сите членови на ансамблот во една целина, да им ја доделам соодветната улога и да ги охрабрам во таа улога да го дадат својот максимум. Мојата цел е сите заедно на публиката да ѝ подариме изведба од која ќе ѝ застане здивот.
- Кога зборуваме за лидерството во осигурувањето, кои квалитети ги сметате за пресудни за успех во денешното непредвидливо опкружување?
Драган Филиповиќ: Кога стоите пред луѓето, не е толку важно дали сте на чело на фудбалски тим, голем малопродажен синџир или бизнис со осигурување. Лидерот е лидер на секое место. Од праисторијата до денес останува непроменета важноста на личниот пример и етичкото однесување на оној што предводи. Потоа, неопходно е внимателно да се слуша пазарот, неговите барања и промените. Она што денес особено би го нагласил е неопходноста од внимателно и активно слушање на соработниците. Организациската култура на 21. век мора повеќе да се темели на мотивација, транспарентност, отвореност за дијалог и различност, отколку на издавање наредби.
4.Осигурувањето е индустрија на доверба. Како ја градите довербата – внатрешно, со тимот, и надворешно – со клиентите и партнерите?
Драган Филиповиќ: Довербата се гради преку отворен и искрен разговор. Тоа важи и за крајните корисници на нашите полиси, но и за нашите луѓе – внатрешните агенти за продажба, дистрибутивната мрежа, брокерите, посредниците и застапниците во осигурувањето, како и за мрежите на здравствени установи и сите други партнери кои ја обезбедуваат финалната услуга за нашите клиенти. Сите луѓе со кои се среќаваме во бизнисот со право очекуваат поддршка и разбирање и мораат да знаат дека тоа ќе го добијат од нас. Освен тоа, во осигурувањето е исклучително важно да го исполните ветеното и очекувањата на клиентите и дистрибутерите. Обезбедувањето одлично корисничко искуство и извонредност во сите односи е целта кон која се стремиме. Тоа е принципот врз кој Генерали Осигурување ја изгради и ја гради својата позиција на пазарот.
- Многу од вашите вработени истакнуваат дека сте достапни и фокусирани на развојот на луѓето. Каков е вашиот пристап кон менторството и тимската култура?
Драган Филиповиќ: Пред многу години, на почетокот на мојата кариера, јас бев менториран – ми беше потребна поддршка од ментор и ја добив од искусни деловни луѓе. Тоа никогаш не го заборавив, и како менаџер на високи функции секогаш кога можам прифаќам да го споделам своето искуство: преку учество на конференции, преку отворени разговори со колеги и публика, како и преку директно менторство.
Токму затоа учествувам и на The Economist MeetUp конференцијата во Скопје, исто како што редовно сум гостин на интерниот CEO Talk во компанијата, предавам на работилници организирани од Српската асоцијација на менаџери и на различни факултети. Во рамките на компанијата, колегите знаат дека со задоволство учествувам во сите тимски активности, спортски игри, нашата општествено одговорна иницијатива The Human Safety Net и многу други.
Нашата корпоративна култура е изградена врз темелите на тимската работа. Кога новите вработени доаѓаат во Генерали Осигурување, имаат можност да ја запознаат компанијата, да го слушнат CEO-то и да му постават прашања. Понатаму напредуваат преку програмата за таленти, во која повторно е вклучен врвниот менаџмент.
Улогата на менторот не е само за доброто на другиот – тоа е и можност за мене да разменам искуства и да ги проширувам видиците преку контакт со други, најчесто помлади луѓе.