Хрватската агенција „Абецеда комуникации“ започнува стратешка соработка со маркетот Studenac, најраспространетиот малопродажен ланец во Хрватска и еден од најбрзо растечките во тој сегмент во централно-источна Европа.
Новото партнерство претставува значаен чекор за двете компании, кои ги здружуваат силите со цел дополнително да ја зајакнат и унапредат комуникацијата со потрошувачите и засегнатите страни на Studenac на хрватскиот пазар.
„Се радувам на соработката со тим што разбира како функционира малопродажбата, но и динамиката на современата комуникација. Ова партнерство е природен чекор во нашиот забрзан раст и трансформација. Со поддршка од Абецеда сакаме јасно и автентично да ја комуницираме нашата посветеност на раст и развој, додека на локалните заедници ефикасно им ги доближуваме сите придобивки што ги носиме како уникатен формат на продавница на пазарот“ – изјави Татјана Спајиќ, директорка на корпоративни комуникации на Studenac.

„Горди сме што Studenac нè препозна како партнер за новото поглавје во развојот на нивната комуникација. Веруваме дека со заеднички сили дополнително ќе ја зајакнеме позицијата на Studenac и ќе ги доближиме нивните вредности до пошироката јавност преку иновативни и автентични комуникациски стратегии“ – изјави Марина Боланча, директорка на Абецеда комуникации.

Маркетот Studenac е основан во 1991 година во Омиш како семеен трговски ланец. Од 2018 година, Studenac спроведува амбициозна стратегија за раст преку отворање нови продавници и преземање на локални и регионални ланци. Денес, Studenac е најголемиот консолидатор на пазарот и го предводи ширењето на малопродажбата во Хрватска со повеќе од 1440 продавници и околу 7000 вработени.
Остварувајќи раст на приходите од продажба од 22 отсто во 2024 година, Studenac продолжува да се развива со цел да достигне 3400 продавници до 2028 година. Покрај тоа, во 2024 година, Studenac за првпат излезе на меѓународниот пазар со преземање на словенечкиот трговски ланец „Kea“ со 32 продавници. Од преземањето на словенечката „Kea“ во септември 2024 година па до денес, компанијата отвори и осум нови продавници на словенечкиот пазар.
Абецеда комуникации, под водство на основачката и директорка Марина Боланча, повеќе од една деценија поставува стандарди во светот на стратешката комуникација, работејќи според начелата на флексибилност, стручност и партнерски пристап што им овозможува на клиентите раст и препознатливост на пазарот.
Абецеда комуникации ќе обезбедува севкупна комуникациска поддршка, вклучувајќи корпоративни и брендовски ПР активности, како и стратешко советување со фокус на зајакнување на репутацијата и позиционирањето на компанијата на пазарот.