Македонски бренд со силна иновација и настап на две стратешки сесии пред кинески компании и увозници
Македонската компанија за здрава храна, Виталиа, со гордост го претстави својот бренд и иновативните производи на четвртото издание на China-CEEC Expo & International Consumer Goods Fair, што се одржува од 22 до 25 мај 2025 година во Нингбо, Кина. Овој престижен саем, организиран од кинеското Министерство за трговија и партнери од ЦИЕ регионот, претставува платформа за унапредување на економската и културната соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа.
Во текот на овие четири дена, Виталиа активно ја промовира својата експертиза, иновации и визија пред повеќе од 15.000 професионалци, дистрибутери и владини претставници од Кина и Европа, притоа презентирајќи го своето портфолио на штандот како дел од Македонскиот павилјон, но и на две посветени бизнис сесии – „Food Matchmaking Meeting“ и „New Product Launch“.
На овие настани беа презентирани новата Детската линија – „Happy Little Adventures“ и Пробиотската линија, која веќе бележи успех на европскиот пазар. Присутните имаа можност одблиску да се запознаат со вредностите, квалитетот и технолошката напредност на производите на Виталиа.
На штандот на Виталиа, вниманието го привлекоа и иновативниот Протеински Трејл Микс со 26% протеин, како и Премиум протеинските барови, кои ја нагласуваат ориентацијата на брендот кон функционална исхрана што одговара на потребите на модерниот потрошувач.
„Нашето присуство на овој саем не е само изложба – тоа е мост кон нови партнерства и идни соработки. Кинескиот пазар покажува сè поголем интерес за функционални производи, без шеќер и со природен состав – токму она што Виталиа го создава со децении. Интересот што го добивме од увозници, дистрибутери и институции потврдува дека здравата храна повеќе не е избор, туку потреба!“ – изјавија претставниците на компанијата на саемот.
Под мотото „Нови визии за иднината“, саемот собра над 435 компании од целиот регион и над 15.000 посетители, вклучувајќи професионалци од различни индустрии, купувачи, трговци и медиуми. За Виталиа, ова претставуваше не само изложба туку и стратешка можност за вмрежување, размена на искуства и отварање нови канали на соработка на азискиот пазар.
Со учество на саеми од ваков ранг, Виталиа го потврдува својот статус како еден од најголемите извозници на здрава храна од Македонија, со присуство на пет континенти и над 60 држави. По успешниот влез во Европа и Африка, компанијата сега се насочува кон Азискиот пазар, со цел да ја понуди македонската експертиза во здрава и функционална исхрана на уште поширока публика.