Кока-Кола го обнови своето глобално маркетиншко партнерство со британската агенциска групација WPP, продолжувајќи ја соработката отпочната во 2021 година.
Глобалниот генерален маркетинг директор на Кока-Кола, Мануел Аројо, соопшти за постигнатиот договор преку објава на LinkedIn. Тој ги истакна клучните достигнувања од нивната соработка, вклучувајќи го и воспоставувањето на специјализираната мрежа Open X – опишувајќи го како прв маркетинг модел со „отворен код“ во индустријата.
Open X е специјализирана платформа на WPP, првично создадена токму за потребите на Кока-Кола, која ги обединува човечките ресурси и технолошките капацитети на сите агенции на групацијата (вклучувајќи ги Ogilvy, VML и други) во еден интегриран тимски модел кој работи во повеќе региони и опфаќа повеќе категории.
„Со задоволство потврдуваме дека компанијата Кока-Кола го обнови своето партнерство со WPP Open X и со нетрпение очекуваме да го продолжиме нашиот моментум како партнерска агенциска мрежа за маркетинг на глобално ниво“ – додаваат од WPP.
Во 2024 година, Кока-Кола беше прогласена за „Креативен бренд на годината“ на фестивалот Cannes Lions и беше рангирана како највредна глобална трговска марка за храна и пијалоци од Kantar.