На фестивалот Cannes Lions годинава пристигнаа речиси 27 илјади пријави од целиот свет, меѓу кои: 29 пријави од Хрватска, 7 од Словенија, 3 од Македонија, 2 од Црна Гора и 1 од Србија.
Кампањата „Исправи се“ на Кроација Поликлиника од Хрватска се пласираше меѓу финалистите на овогодишното издание на најважниот глобален фестивал за креативност – Cannes Lions. Кампањата постигна значаен успех, обезбедувајќи место во финалето во дури две категории: Outdoor / Interactive Experiences и Health & Wellness / Interactive Digital Citylights, при што е единствената кампања од Јадранскиот регион што успеа да влезе во финалето оваа година.
Овогодинешното издание на фестивалот Cannes Lions се одржа од 16 до 20 јуни 2025 година во францускиот град Кан, а конкуренцијата беше исклучително силна, со речиси 27 илјади пријавени проекти од целиот свет. Овој резултат ја потврдува релевантноста и иновативноста на кампањата, која преку технолошки решенија и едукација адресираше важен јавно-здравствен проблем во Хрватска.
Кампањата „Исправи се“ настана како одговор на сè поизразениот проблем со седентарниот начин на живот и прекумерната употреба на мобилни уреди, кои кај голем дел од популацијата предизвикуваат проблеми со ‘рбетот. Во соработка со Go2Digital, агенцијата Bruketa&Žinić&Grey и агенцијата Millenium promocija, Кроација Поликлиника разви иновативно решение што комбинира едукација и технологија со цел да се подигне свеста за тивката пандемија на болести на ‘рбетниот столб.
Централниот елемент на кампањата беше „ситилајт“ екран опремен со компјутерски вид и софтвер за анализа на држењето на телото, кој им овозможи на минувачите во реално време да го проверат своето држење. Системот ја анализираше закривеноста на вратот, средниот и долниот дел од ‘рбетот и идентификуваше потенцијални ризици. Лицата кај кои беа забележани неправилности добија можност за директно закажување преглед кај физијатар.
Резултатите од кампањата покажаа значителен одѕив:
- Извршени биле повеќе од 106 илјади скенирања на држење на тело
- Собрани биле над 50 илјади електронски адреси, во согласност со GDPR регулативата
- Бројот на специјалистички прегледи се зголемил за 46%
- Кампањата достигнала 77,92% од населението на Хрватска, додека интеракциите со рекламата биле за 81,8% повисоки од просекот
- Просечното време на гледање во рекламата изнесувало 16,9 секунди, што е осум пати подолго од вообичаеното траење на вниманието кај дигитални формати
- Кампањата имала и моментален ефект – дури 97% од учесниците инстинктивно го исправиле своето држење за време на мерењето, со што била поттикната непосредна промена во однесувањето.
Маја Туцаковиќ, директорка на маркетингот на Кроација Поликлиника, ја истакна важноста на општествената одговорност во развојот на кампањата: „Како здравствена установа, чувствуваме одговорност кон заедницата и сакаме да бидеме предводници во подигнувањето на свеста за проблеми кои често остануваат незабележани. Кампањата ‘Исправи се’ покажа како технологијата и креативноста можат заедно да дејствуваат во корист на здравјето на луѓето. Ова признание на фестивалот Cannes Lions е дополнителна потврда дека сме на вистинскиот пат.“
Давор Брукета, креативен директор и коосновач на агенцијата Bruketa&Žinić&Grey, ја нагласи важноста на самиот пласман во финалето: „Cannes Lions е најважното натпреварување во светот на креативноста, а самиот пласман во финалето претставува огромен успех, особено со оглед на 27 илјади пријави од целиот свет. Ова е уште еден доказ дека големи идеи можат да произлезат и од мал пазар како нашиот.“
Дин Удатни, директор за маркетинг во Go2Digital, се осврна на техничкиот аспект на кампањата: „Технологијата што ја имплементиравме во ситилајтовите овозможи сосема ново ниво на интеракција со публиката. Ова е пример како дигиталните медиуми можат да станат активни учесници во решавањето на реални проблеми. Резултатите од кампањата покажуваат дека иновацијата може да има силно влијание врз секојдневниот живот на луѓето.“
Фестивалот Cannes Lions, кој се одржува секоја година во Палатата за фестивали и конгреси во Кан, се смета за најпрестижен настан во комуникациската индустрија. Во текот на пет дена, тој ги обединува комуникациските експерти од целиот свет за да ги прослават најдобрите идеи, проекти и иновации кои ја обликуваат иднината на брендови и општеството.
Пласманот на кампањата „Исправи се“ во финалето на овој престижен фестивал ја потврдува нејзината креативна моќ и општествена релевантност. Проектот не само што придонесува за подигнување на свеста за проблемите поврзани со здравјето на ’рбетот, туку и покажува како креативноста и технологијата можат заедно да дејствуваат во корист на заедницата.