Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ ја објави годишната анализа на ИКТ-секторот: Трендот на пораст на ИКТ индустријата продолжува – ИКТ СЕКТОРОТ СО НЕКОЛКУ НОВИ РЕКОРДИ ВО 2024!
Македонската ИКТ-индустрија и во 2024 година е двигател на економскиот раст, интернационализацијата и иновациите
Македонската ИКТ-индустрија продолжува да руши рекорди! Според најновата компаративна анализа на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, ИКТ-секторот во 2024 година генерирал неверојатни 1,65 милијарди евра приход – раст од 12,5% во однос на 2023.
Во исто време, бројот на вработени се зголемил на речиси 24.000 лица, а инвестициите во човечки капитал и бенефиции достигнаа историски нивоа.
Најбрзорастечки параметар – профитабилноста!
Во 2024 година, компаниите од ИКТ секторот платиле 33 милиони евра данок на добивка, што претставува скок од речиси 65% во однос на претходната година. Ова покажува не само голем раст на приходите, туку и сериозно зголемена продуктивност и зрелост на индустријата.
Платите во ИКТ – највисоки во земјата!
Просечната месечна бруто плата во ИКТ достигна 2.376 евра, а вкупно за плати и надоместоци се исплатени над 314 милиони евра – 18% повеќе од 2023 година. Се бележи и раст на инвестиции во „нематеријални“ бенефиции – бонуси, обуки, патувања, осигурување – со вкупен износ од 32 милиони евра, што ја потврдува конкурентноста и привлечноста на секторот.
Извозот – мотор на економската интернационализација
Со извоз на ИКТ-услуги вреден 664 милиони евра, секторот бележи раст од 20%, потврдувајќи ја својата позиција како стратешки двигател на македонската економија на глобалната сцена.
ИКТ е иднината – и сегашноста!
Анализата покажува дека ИКТ не е само најбрзорастечкиот, туку и најстабилниот и најатрактивниот сектор за кариерен развој. Компаниите вложуваат сè повеќе во луѓето, креирајќи услови за одлични плати, професионален развој и висок животен стандард.
2025 – Јубилејна година за МАСИТ!
Оваа година, МАСИТ со гордост го одбележува значајниот јубилеј – 25 години активно присуство и посветеност на развојот на ИКТ-индустријата во Македонија. Во текот на овие две и пол децении, МАСИТ успеа да ги обедини најиновативните и најуспешните ИКТ-компании, кои денес генерираат половина од вкупниот приход во секторот.
Целосната анализа е достапна ТУКА.
За повеќе информации: masit.org.mk