Сервисот за пораки WhatsApp на Meta е забранет за користење на сите уреди на Претставничкиот дом на САД, според меморандум испратен до целиот персонал на Домот.
Во известувањето се наведува дека „Канцеларијата за сајбер-безбедност ја смета WhatsApp за високоризична апликација поради недостаток на транспарентност во начинот на заштита на корисничките податоци, отсуство на енкрипција на складираните податоци и потенцијални безбедносни ризици поврзани со неговата употреба“.
Во испратеното известување се препорачува користење на други апликации за пораки, меѓу кои Microsoft Teams, Wickr на Amazon, Signal, како и iMessage и FaceTime на Apple.
Претставник на Meta изјави дека компанијата „најостро се спротивставува на оваа одлука“, истакнувајќи дека платформата обезбедува повисоко ниво на безбедност отколку другите одобрени апликации.
Претставничкиот дом на САД и претходно има забрането апликации за употреба од страна на персоналот, каков што беше случајот со TikTok во 2022 година – повторно поради безбедносни причини.