Bentley Motors ја претстави новата верзија на својот иконичен крилест амблем, означувајќи го почетокот на голема трансформација во дизајнот и идентитетот на британскиот бренд за луксузни автомобили.
Новиот дизајн ќе биде официјално претставен на 8 јули, заедно со визионерски концептуален автомобил, во согласност со отворањето на новото дизајнерско студио во седиштето на компанијата во градот Кру во Англија. Ова е само петта верзија на амблемот во 106-годишната историја на Bentley.
Првичниот дизајн на крилестата буква „B“, создаден од Фредерик Гордон Крозби во 1919 година,има претрпено мали измени во 1931, во 1990-тите и во 2002 година. Но, сегашниот редизајн претставува најзначајната еволуција досега.
Развиен целосно внатрешно од дизајнерскиот тим на Bentley, под водство на директорот за дизајн Робин Пејџ, новиот амблем симболизира нова ера на самодоверба и креативност.
Новото лого ќе се појави најпрво на футуристички концептуален автомобил, кој ќе понуди првичен увид во новиот дизајнерски правец на брендот. Иако возилото не е наменето за сериско производство, тоа ќе ја покаже развојната насока за идните модели на Bentley – инспирирани од класичен модел од минатото, но редефинирани со современ пристап.
Дизајнерскиот процес бил колаборативен и започнал со интерен конкурс во компанијата, на кој целиот дизајнерски тим имал можност да предложи концепти. Победничкиот предлог е дело на Јанг Нам, член на тимот за внатрешен дизајн. Неговиот концепт бил развиен во финалниот дизајн кој ги задржува клучните елементи – како што се дијамантскиот шаблон на крилјата и централниот скапоцен камен во облик на буквата „B“ – но во многу почист и понапреден визуелен израз.
Крилјата сега се поостри и поагресивни, потсетувајќи на летот на сивиот сокол, а долните пердуви кои претходно беа поставени под буквата „B“, сега се целосно отстранети за почист изглед. Централниот скапоцен камен „B“ е редизајниран со деталност инспирирана од светот на луксузните часовници, вклучувајќи стаклена површина со фасети и метална рамка со закосени рабови, што му дава длабочина и можност да се користи како самостоен графички елемент.
„Ако луксузниот бренд е производ на приказните што ги има создадено, тогаш неговиот амблем е неговиот потпис. Во повеќе од еден век историја, ова е само четвртата еволуција на иконичниот крилест амблем на Bentley, и неговото редизајнирање беше сериозен предизвик за кој вложивме голема грижа. Во ера на сè поголема комплексност и прецизност поради дигитализацијата, вежбата на поедноставување и префинетост е современа нужност – и токму затоа новиот амблем е почист, поостар и повпечатлив од својот претходник. Новата крилеста буква „B“, како и концептуалниот автомобил што го претставува, симболизираат моќна и возбудлива иднина за оваа компанија и нејзините извонредни, рачно изработени производи“ – истакнува директорот за дизајн на Bentley, Робин Пејџ.