Британската огласувачка групација WPP соопшти дека Синди Роуз е назначена за генерален извршен директор (CEO) на компанијата, со стапување на должност од 1 септември 2025 година. Синди ќе го наследи Марк Рид, кој ќе се повлече од функцијата на истиот датум. Марк ќе продолжи да соработува со Синди за да ја поддржи транзицијата до крајот на годината.
Синди има богато искуство како лидер во сферите на технологијата, телекомуникациите, медиумите, забавната и креативната индустрија, стекнато во светски водечки брендови.
Последните девет години ги помина на раководни позиции во Microsoft, каде што моментално е генерален оперативен директор за глобални корпоративни клиенти. Во оваа улога, таа им помага на најголемите компании во светот да ја користат дигиталната технологија и вештачката интелигенција во трансформацијата на нивниот бизнис.
Пред да биде назначена на сегашната позиција во Microsoft во март 2023, Синди беше претседател на Microsoft за Западна Европа и генерален извршен директор на Microsoft за Обединетото Кралство. Претходно беше извршен директор за потрошувачкиот бизнис на Vodafone во Обединетото Кралство и извршен директор за дигитална забава и продажба на медиуми во Virgin Media. Таа, исто така, има поминато 15 години во The Walt Disney Company, каде што на крајот стана потпретседател и извршен директор на Disney Interactive Media Group за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка.
Синди е неизвршен член на Управниот одбор на WPP од 2019 година. Дипломирала на Универзитетот Колумбија и Правниот факултет во Њујорк, а исто така е член на советодавни одбори при бизнис школата на Империјал колеџ во Лондон и McLaren Racing.
Синди има британско и американско државјанство и ќе работи од канцелариите на WPP во Лондон и во Њујорк. Во 2019 година ѝ беше доделен Орден на Британската Империја (OBE) во чест на нејзиниот придонес кон британската технолошка индустрија.