Американската телевизија CBS објави дека познатото доцноноќно шоу „The Late Show“ со комичарот Стивен Колбер ќе престане да се емитува во мај следната година. Веста дојде како изненадување, а ја соопшти самиот Колбер за време на снимањето на минатонеделната емисија.
CBS и матичната компанија Paramount посочија дека одлуката е донесена исклучиво поради финансиски причини и не е поврзана со гледаноста или некакви контроверзии. Напротив, емисијата забележа раст на гледаноста во 2025 година, со просек од 2.4 милиони гедачи по епизода, претставувајќи ја единствената ноќна програма на CBS со раст оваа година.
Сепак, тајмингот предизвика сомнежи кај фановите. Само неколку дена претходно, Колбер жестоко ја критикуваше спогодбата од 16 милиони долари меѓу матичната компанија Paramount и американскиот претседател Доналд Трамп во врска со интервју во информативната програма „60 Minutes“.
Колбер одговори со воздржаност, изразувајќи благодарност до CBS за досегашната соработка, како и до неговиот тим од околу 200 луѓе и до сите фанови на емисијата. Телевизијата потврди дека ова ќе биде крај не само за Колбер како водител на програмата, туку и за целата „The Late Show“ франшиза на својата мрежа.