По месеци задкулисни преговори, натегања и одложена премиера која ги збуни фановите, сатиричната анимирана серија „South Park“ конечно најде нов и ексклузивен дом – Paramount+.
Креаторите на серијата, Треј Паркер и Мет Стоун, потпишаа огромен договор вреден 1,5 милијарди долари за продолжување на серијата во наредните пет години, со 50 нови епизоди кои ќе се емитуваат на Comedy Central, а потоа следниот ден ќе бидат достапни на стриминг сервисот Paramount+.
Договорот исто така ги префрла сите 26 претходни сезони на „South Park“ на Paramount+, со што завршува нивната достапност на HBO Max и им дава на фановите едно централизирано место за гледање на целата серија.
Паркер и Стоун првично понудиле 10-годишен договор вреден 3 милијарди долари, но тој бил одбиен поради најавеното спојување на Paramount со Skydance, што довело до воздржаност од новите извршни директори на компанијата. Во еден момент, креаторите дури ангажирале адвокат и се заканиле со тужба, а своето незадоволство го искажаа и јавно. Целата драма доведе до одложување на 27-та сезона на серијата за две недели.
На крајот, постигнат е договор. Компанијата на креаторите, Park County, ќе добива околу половина од приходите од стриминг, додека Paramount ја задржува целосната сопственост и меѓународните стриминг права.
Серијата се врати екраните на 23 јули со епизодата „Sermon on the Mount“, во нејзин препознатлив сатиричен стил. Во епизодата беа исмевани американскиот претседател Доналд Трамп, но и самата компанија Paramount, докажувајќи дека дури и милијарда долари не можат да ја скротат ироничната острина на „South Park“.
Во време кога стриминг платформите се борат за внимание, „South Park“ му носи на Paramount+ лојална публика и културен кредибилитет. Паркер и Стоун ја задржуваат својата креативна слобода, а фановите го добиваат своето омилено хаотично шоу – без цензура.