Владата на Австралија објави дека и YouTube ќе биде опфатен со претстојната забрана за користење на социјални мрежи од страна на деца под 16 години, откако претходно најави дека платформата ќе биде исклучок. Со оваа прва ваква забрана во светот, ограничувањата ќе важат за TikTok, Instagram, Facebook, X, Snapchat и YouTube, и ќе стапат на сила во декември.
Според забраната, децата под 16 години ќе можат да гледаат видеа на YouTube, но нема да можат да имаат сопствен профил, што значи дека нема да можат да поставуваат содржини, да коментираат или да комуницираат преку платформата.
YouTube, кој е во сопственост на Google, се спротивстави на одлуката, тврдејќи дека платформата нуди образовни и креативни бенефити за младите во Австралија. „Ова не е социјална мрежа“, изјавија од компанијата.
Одлуката следи по препорака на Комесарката за електронска безбедност на Австралија, Џули Инман Грант, која посочи дека YouTube е најчесто споменувана платформа каде што децата на возраст од 10 до 15 години се среќаваат со „штетна содржина“.
Премиерот Ентони Албанизе изјави дека забраната има за цел да ги заштити децата од штетите предизвикани од социјалните мрежи. „Знаеме дека ова не е единственото решение, но ќе направи разлика“, рече тој.
Министерката за комуникации, Аника Велс, додаде дека иако некои апликации за размена на пораки, игри, едукација и здравствени алатки ќе бидат изземени од забраната, платформите со „грабливи алгоритми“ не треба да имаат место во животите на децата.
Компаниите што нема да се придржуваат до правилата може да се соочат со казни до 50 милиони австралиски долари. Тие ќе бидат обврзани да ги деактивираат постоечките профили на деца, да спречат создавање нови и да ги блокираат сите заобиколувања на забраната.