Технолошкиот гигант Google најави дека ќе го потпише новиот доброволен Кодекс за вештачка интелигенција на Европската Унија, кој има за цел да им помогне на компаниите да се усогласат со правилата од Законот за вештачка интелигенција (AI Act) на ЕУ – пренесува Ројтерс.
Кодексот, изготвен од 13 независни експерти, дава насоки како да се исполнат предвидените законски барања – како што се објавување на резимеа за податоците со кои се тренирани моделите со вештачка интелигенција и почитување на авторските права според правото на ЕУ.
Кент Вокер, претседател за глобални прашања во Google и генерален правен директор на матичната компанија Alphabet, во блог-пост истакна дека компанијата ја поддржува иницијативата. „Се надеваме дека овој кодекс ќе придонесе за достапност на сигурни и квалитетни алатки со вештачка интелигенција за европските граѓани и бизниси“, напиша тој.
Сепак, Вокер предупреди дека некои делови од Законот и кодексот можат да го забават развојот на вештачката интелигенција во Европа, особено ако се појават проблеми со авторското право, се појави доцнење во стекнувањето со одобренија или се бара откривање на трговски тајни.
Microsoft исто така најверојатно ќе го потпише кодексот, според изјавата на нејзиниот претседател Бред Смит, додека пак Meta одби да го потпише, наведувајќи правна несигурност за развивачите на моделите со вештачка интелигенција.
Законот на ЕУ за вештачка интелигенција има амбиција да стане глобален стандард за безбедна и етичка примена на вештачката интелигенција, како технологија која моментално е доминирана од САД и Кина.