Пишува: Предраг Стојковски, извршен директор на Nova Solutions.
Јас сум голем обожавател на актерот Ал Пачино. Се разбира, сè започна со неговата култна улога во трилогијата „The Godfather“. Откако воведов брз интернет пред 20 години, започнав да ги симнувам сите негови филмови. Токму во тој период се појави и филмот S1m0ne.
Во филмот S1m0ne (2002), режисерот Ендру Николи истражува визионерска идеја: што ако создадеме совршена ѕвезда – дигитална илузија што може да глуми, пее и да ја воодушевува публиката, а никогаш да не постои во физичкиот свет? Симоне, виртуелната глумица создадена од очајниот филмски продуцент Виктор Тарански, станува глобална сензација – но и негов најголем предизвик. Како да се контролира нешто што е истовремено совршено и непостоечко?
Две децении подоцна, она што во филмот изгледаше како научна фантастика станува реалност: ерата на вештачки генерирани инфлуенсери е веќе тука – и со неа, многу прашања кои повеќе не се теоретски.
Кога алгоритамот е селебрити
Додека скроламе низ Инстаграм и TikTok, сè почесто среќаваме личности како Лил Микела – вештачки инфлуенсер со милиони следбеници. Создадена од компанијата Brud, Микела не е само дигитален аватар; таа е бренд, наратив и дел од пазарот. Нејзините ставови се во тренд, нејзината „личност“ е скроена според алгоритам, а нејзината совршена естетика – резултат на инженерска прецизност.
Но за разлика од Симоне, чие постоење беше тајна, денешните вештачки инфлуенсери често отворено се прикажуваат како дигитални. Иако публиката знае дека се нереални, тоа не ги спречува да ги следи, коментира, сака – па дури и да им верува. Тоа ја отвора клучната дилема: дали свесната потрошувачка на лажна реалност ја прави помалку опасна – или само порафинирана форма на самоизмама?
Контролирана перфекција, програмирана релевантност
Филмот S1m0ne поставува прашања за природата на славата и потрошувачката култура. Симоне е производ на желбата за совршенство – а тоа е желба што не исчезна. Вештачките инфлуенсери денес не стареат, не се следени од папараци, немаат „лош ден“. Секогаш достапни, естетски прилагодени и политички коректни (освен кога намерно не се програмирани да не бидат).
Во 2020 година, виртуелниот инфлуенсер Bermuda предизвика контроверзии со конспиративни и дезинформирачки ставови – за да потоа креаторите почнаа да се оградуваат: „Таа е лик, не личност.“ Слична дебата настана кога Lil Miquela јавно ја поддржа кампањата #BlackLivesMatter, што предизвика критики – може ли аватар без телесно и социјално искуство да зборува во име на маргинализирана заедница?
Во овие примери се крие сржта на проблемот: вештачките инфлуенсери се програмабилни, но не и одговорни.
Дали и ние ќе „имаме“ наши инфлуенсери?
Иако македонскиот дигитален пазар сè уште не е преплавен со вештачки инфлуенсери, прашањето е не дали, туку кога истите ќе се појават. Домашните брендови, во потрага по оригиналност и ниски трошоци, би можеле наскоро да создадат свои дигитални лица за кампањи. Што ќе значи тоа за реалните инфлуенсери, за кредибилитетот на комуникацијата и за односот публика–порака?
Ќе нè фасцинира ли повеќе совршениот, никогаш уморен дигитален лик – отколку вистински човек со мислење, несовршености и живот надвор од пиксели?
Алгоритам без душа?
Simone нè потсетува дека технологијата не е само алатка, туку и огледало на нашите вредности. Кога славата се преселува од сцена на сервер, а харизмата се програмира во JSON фајл, се наметнува неизбежно прашање: дали вредноста на една личност – или бренд – сега зависи од способноста да симулира автентичност?
Можеби најголемата иронија е што симулацијата денес изгледа пореално од реалноста. И кога ќе се навикнеме на тоа, кога ќе ни стане удобно да веруваме во невистини зашто ни се допаѓаат – дали тогаш симулацијата ја победила вистината?
На кому ставаме лајкови и зошто?
Славата никогаш не била сосема „вистинска“. Таа отсекогаш била конструкција – медиумски проект, манипулација, маркетинг. Но денес, таа конструкција е буквална: ние лајкуваме на код.
Во време кога дезинформациите, визуелните илузии и персонализираните наративи доминираат, прашањето повеќе не е „дали е реално“, туку:
„Кому веруваме, и зошто ни е толку удобно да веруваме во невистини кои ни се допаѓаат?“