Наш денешен гостин е Сергеј Зафироски, генерален менаџер на агенцијата за истражување и консалтинг Инсајдер ИД, со кого разговараме за претприемништвото, иновативноста, влијанието на вештачката интелигенција, развојот на стартапи и водењето бизнис во Македонија.
М365: Живееме во доста турбулентно и несигурно време, економиите и компаниите се соочуваат со многу нестандардни предизвици. Каде е Македонската економија во светот?
Сергеј Зафироски: Македонската економија функционира во нестандардни услови веќе 30 години, но прв пат во услови на толакв број на глобални предизвици кои што влијаат директно и на нас. Но, како и секогаш во сите тие турбуленции постои и најголем потенцијал за развој на бизнис. Уште повеќе ние како мала економија, која треба да е пофлексибилна може брзо да се приспособи кон новонастанатата ситуација. Ние секогаш говориме за Македонската економија, сакаме да ја претставиме многу поголемо од што е и како да има производство со обем на Германската. Реалноста е дека нашето вкупно производство на храна може да прехрани еден мал Германски регион. Тоа што ни треба е мало приспособување и иновативност во решавање на предизвиците со што не само да ги надминеме препреките туку и да имаме бенефит. Максимумот што можеме да го произведеме, се разбира доколку ги задоволува стандардите, можеме да го продадеме без голем проблем. Но, ако сакаме да се конкурираме во различни сегменти, иновативноста е таа која што може да овозможи додадена вредност.
М365: Кое е вашето размислување за иновативноста кај компаниите?
Сергеј Зафироски: Иновативноста и иновациите според мене се клучното поле за “борба” помеѓу економиите. Државите со најголем број на иновации, привлекуваат човечки и финансиски капитал и како крајна линија имаат попросперитетна иднина. Според последните податоци што ги имаме анализирано, Кина има вкупно 798 илјади, следни од САД со 323 илјади и Јапонија со 201 илјади грантови за патенти. Чисто како информација, САД и Јапонија имаат значителна предност, имајќи ги во предвид бројот на жители. Замислете сега која би била разликата за 10 – 15 години помеѓу нас, како мали економии и големите високо развиени држави. Колку повеќе луѓе, толку повеќе размислувања, патенти, иновации, а уште потешко да даде нова и иновативна идеа бидејќи “се е измислено”. Повеќе финансиски средства и квалитетен кадар овозможува компаниите брзо да растат на интернационалните пазари, а таа предност очигледно ја имаат развиените држави и тие кои имаат големи популации.
М365: Во тој случај дали ние можеме да се конкурираме на глобално ниво, како што најчесто сакаат да настапуваат домашните претприемачи?
Сергеј Зафироски: И покрај популарното мислење на спротивното, факт е дека ние не можеме да се конкурираме големите гиганти како Google, Netflix, Tesla, Amazon, дури и со претприемачите од големите економии колку и да слушеме дека секој може да успее. Да бидеме реални, доаѓаме од држава што има БДП нешто поголем од 16.6 милијарди долари и инвестиции во истражување и развој е некаде под 0.3% од БДП. Microsoft има моментално пазарна капитализација од 3.93 трилиони долари, што е ја прави вредноста на Македонската економија статистичка грешка во споредба со вредноста на една компанија. Започнување на бизнис во САД и Македонија во секоја клетка се разликува, дури и со ист почетен капитал, знаење на претприемачите и идентична идеја. Не го кажувам ова за да ги демотивирам претприемачите, туку да бидеме реални, тоа е вистината колку и да не сакаме да ја прифатиме. Една од основните работи кои постојано ги говорам е дека треба да имаме реални очекувања за тоа кои сме, каде сме и од каде доаѓаме и настапуваме. Не кажувам дека ние сме понеспособни, напротив многу сме способни, но способноста и глобалниот успех кога доаѓаш од мала економија не одат баш рака-под-рака.
М365: Како тогаш да се конкурираме ние?
Сергеј Зафироски: Тоа не значи дека ние “немаме шанса” туку дека треба да бидеме доста фокусирани во што ќе сакаме да бидеме иновативни. Иновативното решавање на локални проблеми, потенцијално може да даде концепт кој би бил конкурентен регионално, пример во ЕУ. За Светски рамки мислам дека ќе почекаме. За се се потребни мали и точно одмерени чекори а за да ја зголемиме иновативноста во домашните компании пред се треба да докажеме дека можеме да бидеме иновативни за локални предизвици.
М365: Иновациите носат конкурентска предност, како домашните компанија ги искористуваат во креирање на таа вредност?
Сергеј Зафироски: Се разбира дека можат преку воведување на високо дигитални алатки и иновативност во процесите и производите и услугите. Ние тешко би се натпреварувале со компаниите од големите економии, но тоа не не спречува да бидеме иновативни со тоа што го имаме. Промени во производниот процес, експериментирање со состојките на производите и начинот на испорака на услугите, следење на однесувањето на потрошувачите и претставување на нови производи се само дел од начините.
Со копирање на концепти од странство и претставување на производите на локален пазар, не може да се оствари конкурентска предност, туку само се извршува канибализација и на така малиот пазар. Да имаме успех на ниво на економија потребно е поголем број на компании да размислуваат на таков начин. Ние преку истражувањата работиме на креирање на таа конкурентска предност, без разлика дали е таа за производи, услуги, процеси или активности. За една компанија има реална конкурентска предност, треба или да претстави производ кој има нешто специфично или пак ќе има процес кој конкуренцијата тешко ќе го копира.
М365: Иновациите најчесто се поврзуваат со претприемништвото и startup-ите. Кои е вашето размислување за нивниот развој во Македонија?
Сергеј Зафироски: Факт е дека недостасува реално претприемништво во државата. Постојано се говори за стартапи, инвестициски фондови, ризични капитали, бизнис ангели и слични концепти, а тоа што е клучно за успехот на целиот екосистем недостасува – самите претприемачи, иновации и стартапи. Идеите, барем на тие на кои јас сум бил вклучен, немале значајна иновативност, туку биле стандардни бизниси. За жал во претходната декада и покрај големото внимание а и финансирање кое го добија иновациите, не се изгради стабилен екосистем кој ќе ги поддржува без државна или меѓународна поддршка. Според мене, само кога реалниот бизнис сектор ќе ги поддржува ќе можеме да говориме за стабилен стартап екосистем.
М365: Дали доколку се исклучи институционалната поддршка, нема да има финансии за стартапи?
Сергеј Зафироски: Не е дека нема средства да се финансираат иновациите. Секако парите се значително пониски од тие во западните држави но постојат во доволна количина да се финансира нашиот екосистем, или барем во иницијалните фази на бизнисите. Предизвикот е професионален, културолошки и иновативен. Професионален, бидејќи сеуште заостануваме во суштинското разбирање на значењето на иновациите за економијата дури и од самите претприемачи и што значи развој на таков бизнис. Културолошки е зашто немаме историјат во преземање на ризик во претприемачки и ризични подвизи, и сакаме секогаш да бидеме на сигурната страна. Најчесто првото прашање кое го поставуваат претприемачите при барање на финансии е “Што ако не ги вратам парите?” што е индиција дека и самите не веруваат дека идеата е успешна. И на крајот иновативен, бидејќи екстремно мал број на идеи кои се претставуваат се реални иновации а уште помал број на тие кои можат да се комерцијализираат.
М365: Тогаш според вас дали има решение?
Сергеј Зафироски: Излезот од овој круг, е само преку зголемување на свесноста за менаџерите и компаниите дека треба да издвојуваат дел од својот профит за финансирање на ризични идеи и зголемување на едукацијата за тоа како реално се води бизнис (од менаџерска перспектива). Но за воопшто таквиот циклус да започне, потребно е да имаме неколку успешни примери на комерцијализирани иновации кои оствариле позитивни резултати. Мораме да се отргнеме од другите начини на финансирање, бидејќи само приватниот капитал бара одговорност и резултат за вложените средства, а на таков начин поквалитетно ќе се филтрираат тие идеи кои потенцијално немаат успех. Претприемачите ќе се подготвуваат подетално, поструктуирано и ќе го зголемуваат своето знаење пред да претстават некоја своја идеа. Одговорно тврдам дека за ова сеуште имаме капацитет, и покрај големиот одлив на квалитетен кадар, но мораме да започнеме веднаш.
Поттикнување на интра-претприемништвото е другата можност, која ја зголемува иновативноста кај постоечките компании. Секој еден вработен е потенцијален претприемач во компанијата, тоа што треба да направат компаниите е да ги мотивираат, и се разбира наградат вработените да ги реализираат своите замисли и идеи во самата компанија. Најголемите иновации излегуваат од глобалните гиганти, па зашто и нашите големи компании не бидат носители на таквите активности. Има и неколку примери кај нас од кои според мене, Алкалоид убедливо најуспешниот. Би требало тој модел да се реплицира во сите поголеми домашни компании без оглед на природата на бизнисот.
М365: Во последните неколку години вештачката интелегенција е топ тема. Кое е вашето мислење како ќе влијае врз работните места и компаниите?
Сергеј Зафироски: Вештачката интелегенција е апсолутно “game changer”. Од тоа што го читам и моето ограничено техничко знаење, сеуште е тешко да се стигне до развој на ВИ со капацитет поголем од тој на човекот, но тоа што е веќе постигнато, го надминува капацитетот за работа на поголем дел од популацијата. ВИ моментално е светлосни години поспособен, побрз и поточен од било кој апсолвент или млад професионалец. Новите генерации моментално имаат конкурент кој немаат теоретска шанса да го победат во знаење. ВИ нема одмор, нема неефективно искористено работно време, ниска е инвестицијата за користење, емоционални предизвици, и има неограничен пристап до сите податоци на светот. Да, ВИ работи по насоки на човек кој е потребно да знае што треба да постави како барање, но првото прашање е уште колку време ќе биде така? а второто е дали младите го поседуваат знаењето за воопшто да го постават прашањето? Многу често слушам коментари како “Човекот секогаш ќе се снајде” и се дава примерот дека кога се измислил автомобилот, коњите како превозно средство прекинале да се користат и сите придружни индустрии пропаднале, но нови се отвориле за автомобили. Ние во таа анегдота сме коњите, не автомобилите како што многу луѓе сакаат да мислат.
М365: Дали ќе ги надмине човечките капацитети?
Сергеј Зафироски: ВИ уште многу време нема да ги надмине капацитетите на Ајншајн, Тесла, Маск, Гејтс, но тоа што сум сигурен е дека моите капацитети е блиску да ги надмине, ако веќе не ги надминал. Ние во Инсајдер ИД веќе подолго време користиме ВИ и уште повеќе процеси ќе заменуваме со користење на различни модели. Од корен го промени начинот на кој ги извршуваме активностите, и секој од нас има персонален асистент кој е 24/7 на располагање. Според мене, ВИ толку ќе ја смени индустријата за истражување, тоа што моментално го работам, што доколку во следните 5 години не се преструктуираме, со сигурност ќе останеме без работа. Нема да имаме како да го оправдаме нашето постоење.
М365: Што би значело тоа од аспект на држава?
Сергеј Зафироски: Е сега што е тука интересно. Наместо да фатиме еден од таквите технолошките бранови, и да ги искористиме во нашето работење како држава да (по)брзо се развиеме, ние бараме причини зашто да не ја користиме ВИ. Следните неколку години ќе бидат клучни за диверзификација на економиите кои ќе се приспособат а од нас зависи што ќе искористиме.
М365: Вие и самите сте основач на истражувачката агенција Инсајдер ИД, како е да се започне ваков бизнис во Македонија?
Сергеј Зафироски: За оваа тема сум говорел многупати и секогаш го квалификувам како “предизвикувачко”. Всушност, предизвикувачко е да се води компанија од Македонија, без оглед на секторот во кој работите. Пазарот е мал и ограничен, како финансиски така професионално, со ниска работна етика и тежок за интернационализација. Како и за сите компании во државата, така и ние се соочуваме со предизвиците за квалификуван кадар, интернационализација и добивање на know-how за професионално менаџирање.
Истражувањата се за мене интересна тема, лична и професионална определба, и апсолутно една од активностите која може да ја зголеми иновативноста на компаниите. Информацијата е основата за носење на било каква одлука, стратегии, планови… Всушност не може да постои напредок без квалитетна информација. Бесценето е да се работи на развој на нови производи, процеси, стратегии со професионалци од компании кои имаат искуство во различни области. Многу е интересно што се може да се развие доколку менаџментот на компанијата има визија за промени и информации на располагање.
М365: Дали сте вие иновативни?
Сергеј Зафироски: Ние самите се обидуваме постојано да претставиме нови иновативни решенија, особено во доменот на нашите процеси. Сакаме да даваме нови идеи и можности за нашите соработници, бидејќи само на таков начин можеме да се развиваме. Всушност ние се развиваме заедно со компаниите што соработуваме, бидејќи постојано учиме едни од други што е добро а што би можело да се подобри. Мојата идеја на почетокот и сеуште е да правиме истражувања за компании кои што ќе ги користат информациите за воведување на иновативни производи, процеси и решенија и да го унапредуваат своето работење.
М365: Дали домашните компании прават истражувања?
Сергеј Зафироски: Позитивно е дека ситуацијата помеѓу 2010-та и 2025-та значително е променета. Ако во 2013 или 2014-та тешко добивавме број на кој треба да се закаже состанок, денес сме стандарден дел од бизнис окружувањето. Во водел од индустриите имаме значително присуство, како финансиските институции, широката потрошувачка и макро-економските анализи.
Краткиот одговор е да, прават, но не во обемот што е потребен. Без разлика дали ние соработуваме, друга агенција или тие самите интерно ги спроведуваат, истражувањата се основата за носење на сите оперативни и стратегиски одлуки. Мал процент од домашно управуваните компании носат одлуки на реални податоци, особено тие што се поврзани со однесувањето на потрошувачи или длабинска пазарна анализа. Тоа што најчесто се изготувува е анализа на историските податоци кои компаниите ги имаат од претходна продажба или податоци од конкуренцијата, но тоа најчесто се сведува на продадени количини или цени.
Врз основа на историски податок не се прави долгорочна стратегија, бидејќи таквата информација дава увид на некое претходно однесување. Не може да детектира промена во однесувањето, иден тренд, потреба од нов процес, промена во политиката за човечки ресурси и слично. Треба информации од примарен извор, кои не постоеле претходно, за стратешки одлуки а не само историски податок што дава парцијална слика. Но од мој аспект, сметам дека дел од компаниите се движат во добра насока и имаат солидна перспектива да се конкурираат на интенационалните пазари.
М365: Дали имате некој коментар како за крај?
Сергеј Зафироски: За да преживееме мораме да ја зголемиме иновативноста во економијата и домашните компании. Тоа е од особена важност да го направиме во следните неколку години, зашто ако не го направиме ќе се соочиме со уште поголеми предизвици. Како што се “отвара” економијата за глобални конкуренти, така ќе се покачува и прагот на тоа што е основата која компаниите треба да ја исполнат за да преживеат на пазарот. Како пример, очекувањето за влез на еден глобален гигант на домашниот пазар, го придвижи целиот малопродажен сегмент. Иако ми е професионална деформација, истражувањата се меѓу другото еден од елементите потребни за соодветен одговор на пазарните движења во и надвор од Македонија. Им препорачувам на компаниите што повеќе да употребуваат податоци во работењето, и не само тие кои стандардно ги располагаат.