Ирскиот бренд на пиво Guinness ја започна новата сезона на англиската фудбалска Премиер лига со кампања посветена на љубовта и емоциите на вистинските навивачи. Под мотото „Lovely Day for a Guinness“ („Прекрасен ден за Гинис“), брендот ја одбележува својата втора година како официјален пивски спонзор на најгледаната фудбалска лига во светот.
Guinness во 2024 година потпиша четиригодишен договор со Премиер лигата, заменувајќи го Budweiser како официјален пивски спонзор. Минатогодишната кампања се емитуваше во 80 земји и го искачи Guinness на првото место како најконсумиран пивски бренд на фудбалски настани во Велика Британија. Оваа сезона, кампањата ќе се обиде да допре до гледачите на 215 директни преноси на Sky Sports во Велика Британија и на NBC во САД.
Главниот спот од 90 секунди, придружен со пократки видеа, ја прикажува страста, ритуалите и традициите на навивачи од сите 20 клубови во Премиер лигата. Притоа, во САД ќе се емитува и специјален видеоспот со наслов „Hope“ („Надеж“), со нарација на фудбалската легенда на Манчестер Јунајтед и фудбалски коментатор Гери Невил. Краткиот филм ја доловува надежта и возбуда што ги чувствуваат навивачите пред почетокот на сезоната.
Креативците Вил Бруквел и Луис Прено од агенцијата AMV BBDO, кои стојат позади кампањата, велат дека сакале да доловат вистинската навивачка култура, без улоги и глума. „Тоа се луѓето кои навистина живеат со своите клубови секој викенд“ – посочуваат тие, додавајќи дека искреноста на приказните ќе биде препознаена насекаде во светот.
Со оваа кампања Guinness сака да ја зацврсти својата врска со фудбалските навивачи и да покаже дека брендот не е само пијалок, туку и симбол на заедништво и спортска страст. Кампањата „Lovely Day for a Guinness“ е потсетник дека вистинската сила на фудбалот лежи во навивачите и во нивната љубов кон „убавата игра“.