Јапонскиот огласувачки гигант Dentsu разгледува можности за продажба на своите меѓународни операции, пренесуваат повеќе светски медиуми. Потегот доаѓа по години тешкотии на странските пазари и зголемен притисок од вештачката интелигенција врз огласувачката индустрија.
Групацијата ги ангажирала финансиските консултантски компании Mitsubishi UFJ Morgan Stanley и Nomura Securities за да ги истражат можните опции, вклучувајќи ја и потенцијалната можност за целосна или делумна продажба на својот глобален креативен и медиумски бизнис. Меѓународниот оддел на Dentsu минатата година остварил приходи поголеми од 4.5 милијарди долари, но и значително помала добивка во споредба со доминантните домашни операции на групацијата.
Dentsu се прошири на меѓународниот пазар во 2012 година со купувањето на британската Aegis за 3.2 милијарди фунти – една од најголемите аквизиции во огласувачката индустрија во тоа време. Подоцна кон својата групација ги придодаде и американската дигитална консултантска компанија Merkle и лондонската Tag Group. Но, и покрај овие аквизиции, меѓународниот бизнис на Dentsu се соочува со загуба на клиенти, кратење на трошоците и жестока конкуренција од поголемите ривали.
Компанијата веќе започна со реструктурирање, кратејќи повеќе од 3.400 работни места ширум светот и предупреди на оперативна загуба оваа година. Раководството признава дека меѓународниот раст е негативен во сите региони, со што сериозно се оптоварува инаку силниот јапонски бизнис на Dentsu.
Според аналитичарите, иднината на глобалниот сегмент на Dentsu ќе зависи и од тоа како огласувањето ќе се прилагоди на вештачката интелигенција. Конкурентите веќе вложуваат огромни средства во нови алатки што креираат кампањи побрзо и поевтино, отворајќи прашања за тоа дали традиционалниот агенциски модел може да опстане. Засега, Dentsu се очекува да донесе конечна стратегија до крајот на годината.