Избран е победникот на конкурсот за креирање нов визуелен идентитет за Здружението за пазарни комуникации на Србија (УЕПС) по повод одбележувањето на 65-годишнината од основањето на организацијата.
За победник на конкурсот е прогласен Вукашин Трајковиќ, 26-годишен фриленс дизајнер. Тој, според оценката на жирито, создал доживување, визуелен спектакл кој естетски и наративно оди во чекор со времето на визуелна изобилност, декоративност, модернистички максимализам и глобална еклектика што се огледува во употребата како на дигитални, така и на аналогни референци.
Победникот на конкурсот беше избран од жирито во состав: Славимир Стојановиќ Футро, Јана Оршолиќ, Исидора Николиќ и Лазар Бодрожа, како и Иван Аран кој претседаваше со жирито.
Избрани се уште две дела на кои жирито им додели специјални признанија. Тоа се трудовите на Никола Петровиќ, дизајнер-претприемач, и Никола Стевановиќ, графички дизајнер.
Инаку, поради специфичната естетика на логото на УЕПС, жирито истакна дека оваа задача била исклучително тешка и за искусните професионалци, а камоли за младите дизајнери кои храбро се впуштиле во оваа авантура.
Накратко за победникот на конкурсот – „Понекогаш е доволно да имаш 26 за да станеш дел од историјата на УЕПС“
Вукашин Трајковиќ (Vuk Traj) е самоучен графички дизајнер кој уште во првите одделенија од основното училиште ја открил страста кон визуелната комуникација. Веќе тогаш започнал да изработува логоа на платформата 99designs. На крајот од основното училиште завршува ИТ Академија, смер за дизајн, што му овозможило рано да ги развие техничките и креативните вештини.
По завршувањето на средното училиште се запишува на Архитектонскиот факултет во Белград, но набрзо преминува на студии по маркетинг, сакајќи да го спои знаењето од дизајнот со стратегиите за брендирање. Паралелно ја гради својата фриленс кариера, соработувајќи главно со странски клиенти на проекти за брендинг и веб-дизајн.
По завршувањето на студиите продолжува да работи како full-time фриленсер.
Неговата филозофија на дизајн се темели на уверувањето дека секој елемент треба да има причина за своето постоење и своја цел. Дизајнот не го гледа само како форма, туку како процес преку кој идеите добиваат смисла и структура.
Неговите дела можете да ги разгледате на vuktraj.com