Брендот за брза храна Burger King ја претстави новата кампања за британскиот пазар под наслов „Not Made By Gordon“ („Не е направено од Гордон“), со која на шеговит начин ја преиспитува традиционалната улога на славните личности во рекламите.
Наместо славниот готвач Гордон Ремзи да биде во кујната, кампањата ја истакнува неговата неуспешна и комична желба да се вклучи во процесот на подготовка на новиот сендвич со плескавица од вагју телешко месо (“Wagyu burger”).
Од Burger King велат дека сендивчот е толку добар што лесно може да се помисли дека е направен од врвен готвач, но со гордост нагласуваат дека Ремзи нема никаква врска со тоа. „Го прославуваме лансирањето на нашиот најгурмански бургер досега со вагју телешко месо. Толку е добар што би помислиле дека го направил светски познат готвач, но не. Извини, Гордон“ – истакнува Кејти Еванс, генерален маркетинг директор на Burger King за Обединетото Кралство.
Кампањата е изработена од креативната агенција BBH и нивната продукциска куќа Black Sheep Studios, а вклучува неколку кратки спотови во режија на Артур Волгерс и впечатливи фотографии за надворешно огласување направени од Марк Пекмезијан. Додека видеоспотовите го прикажуваат комичниот обид на Ремзи да се вмеша во процесот, постерите и билбордите го насочуваат целото внимание кон бургерот – оставајќи го познатиот готвач да „ѕирка“ од работ од кадарот.
„Кога си толку сигурен во својот производ, тогаш ангажираш славен готвач само за да му кажеш на светот дека тој не учествувал во правењето“ – посочува Фелипе Серадорада Гимараес, еден од креативните лидери на проектот.