Германскиот производител на автомобили BMW ја претстави својата нова кампања за американскиот пазар, насловена „Real, For Real“, која има за цел да ја истакне вредноста на автентичноста во денешниот дигитален свет. Кампањата, создадена во соработка со агенцијата Goodby Silverstein & Partners, се надоврзува на појавата на сè почести вештачки генерирани содржини на социјалните мрежи и го позиционира брендот како симбол на доверба во време на несигурност.
Креативниот пристап е едноставен, но впечатлив. Денес, интернетот е преполн со слики и видеа кои изгледаат вистински, а се целосно лажни – од гулаб што се обидува да изведе трик со скејтборд, до планина во форма на подигнат палец. BMW ја користи токму вештачката интелигенција за да ги покаже овие апсурди, нагласувајќи дека автентичноста е сè поретка, но токму затоа станува и најсилна вредност.
„Автентичноста е новата дисрупција“ – истакнува Алби Пагенстер, маркетинг директор на BMW за Северна Америка. „Во време кога сите користат вештачка интелигенција за да симулираат нешто што изгледа реално, токму вистинското станува тоа што се издвојува.“
Кампањата оди чекар подалеку од промоцијата на автомобили. Таа се надоврзува на пошироките општествени дебати околу синтетичките медиуми, недовербата на потрошувачите и растечката потреба за докази и гаранции. Со тоа што ги поврзува сертифицираните, претходно користени, возила со вредностите на сигурност и кредибилитет, BMW испраќа порака дека довербата е најголемиот капитал.
На овој начин BMW се издвојува од конкурентите во автомобилската индустрија. Со тоа што ја претставува вештачката интелигенција како културен проблем наместо како маркетиншки трик, кампањата успева да ја пренесе пораката дека во свет каде реалноста постојано се доведува во прашање, доказот и сертификатот вредат повеќе од спектаклот.