Интервју со Андреј Павловски, дел од жирито на Golden Drum за конкурсот “Сруши ги предрасудите”1. Веќе долго време си амбасадор за Македонија на фестивалот Golden Drum, кој и оваа година ќе се одржи во Порторож, Словенија. Како е да се гледа развојот на фестивалот и воопшто адвертајзингот од твоја перспектива? Што се промени во последнава деценија?
Golden Drum за овие наши простори е поим за врвен фестивал и креативен адвертајзинг во вистинска смисла. Годинава е 31 издание и фестивалот е успешна приказна кој се развива како што се развива и самиот креативен потенцијал на учесниците, брзо и коренито. Порано имавме 8,9 категории за награди, оваа година се веќе над 30. Тој се менува со нови можности и визии но она што е константа низ сите години е секако моќта на идејата и креативата.
Рекламата некогаш била само една проста објава, потсетник. Минувајќи низ повеќе периоди и со тек на време таа денес е претворена во креативна уметност и доживување. За жал со современото дигитално цунами полека ја губи својата креативност и идеја. Се повеќе се враќаме кон почетоците на рекламирањето, се личи како на уличните тапанари кои ја ширеле веста или огласот. Па зарем сите огласи (не ги нарекувам реклами бидејќи тоа и не се) низ интернет џунглава не личат еден на друг, единствено и само повикувајќи ве да купите токму од нив? Сите се по урнек на стари, пожолтени и предратни (мислам на втора светска војна, да нема недоразбирање) памфлети кои повикуваат ’купи две добиј уште едно”. Да, мораш да бидеш виден за да бидеш забележен, но има ли некаква идеја во нив, има ли барем трошка креативност? Размислува ли некој воопшто долгорочно за свесност за Брендот, за позиционирање, за брендирање?!…Бомбардирани секојдневно со инфатилни пораки на ниво од 10 годишно дете, забрзано стануваме креативно индиферентни и неспособни за критичко размислување. Циклично го затвараме кругот враќајки се кон едноставен оглас и запоставувајќи го креативниот пристап. Безидејноста царува. И токму тука е значајноста, големината па и борбата на Голден Драми и сите останати настани кои во основа ја имаат креативноста. Промените се добродојдени и фестивалот ги следи, но Голден Драм секогаш ќе биде креативен фестивал на различни култури кој идеата ја става на прво место.
- Како и секоја година, Golden Drum има посебно натпреварување посветено на младите креативци. Колку ова помага во откривањето на вистинскиот талент во нашата индустрија?
Оваа година во соработка со Телеком повторно организираме натпревар за млади креативци од Македонија. Поради погоре спомнатото многу се радувам на можноста некое наше “младо чељад “ да присуствува на фестивалот. Има што да слушне и види. Ова е одлична можност сите пријавени да се претстават пред поголема публика. Адвертајзинг сцената во Македонија стана огромна и многу конкурентна, со мноштво агенции и луѓе со огромен потенцијал. Овој натпревар е можноста младите креативци да се истакнат, да бидат видени и чуени, да се пробијат на сцената. Секако посебен мотив е првата награда која се состои од авио билет, хотелско сместување и free delegate pass за овогодинешниот Голден Драм.
- Колку е важна промоцијата на фестивалот во Македонија и каква улога можат да играат брендовите во напредокот на креативната култура во земјата?
Голден Драм е отворен фестивал без граници и ограничувања кон сите одлични идеи. Посебно се негува локалниот дух од каде доаѓаат креативните решенија. Во тој правец овде имаме мноштво web/tech конгреси и разноразни семинари но немаме еден единствен локален фестивал посветен на креативноста. За жал немаме можност во живо да се споредиме со европските креативци. Токму тоа е можноста што ја нуди Голден Друм и во денешно време на високо компететивен и развиен адвертајзинг пазар, тој е вистинско место каде може да се видат нови идеи и осознаат нови правци. Токму тука лежи одговорноста на брендовите, да бидат водачи, да поттикнат, да подржат и излеземе од локалната затвореност Поради тоа ми е особено драго што Телеком го препозна ова и заедно го организираме натпреварот за младите креативци како можност за светски пробив. Искрено се надевам дека и останатите наши големи брендови ќе не следат.
- Golden Drum важи за еден од најсилните Европски адвертајзинг фестивали, што мислиш колку агенциите во земјата и регионот може да “парираат” на светските агенции и брендови?
Во поранешна Југославија имавме нешто што наликуваше на ’’ пазарна економија’’. Меѓудругото словенците беа лидери во адвертајзингот а ние ситно крадевме и чепкавме од нивното знаење. По распадот Македонија како дел од државата наследи некакво си искуство од таа економија. И мислам дека делумно и поради тоа успеавме да држиме правец и парираме во адвертајзингот, но и многу повеќе. Ние во регионот сме сензибилни, емоционални, креативни и секако со огромен креативен потенцијал но сепак би можеле многу повеќе да го искористиме. За тоа ни недостасува малку повеќе храброст, можеби повеќе разработка на финалната идеја како и сериозно подготвена стратегија за мерливи резултати во комуникацијата.
А во врска со “парирањето” само да потсетам дека New Moment беа севкупен победник на Голден Драм (агенција на годината) во 2013 год., како McCann лани така и Saatchi беа 2016 год. Adriatic агенција на годината, овие но и останатите наши агенции освојувале безброј награди, сме имале членови во жирија, во разни придружни натпревари во склоп на фестивалот сме освојувале први места. А јас мојата маленкост, посебно сум горд на организирањето на македонските вечери кои постојано беа гласани за нај настан на фестивалот…или што би рекол Чворовиќ – “А мене, ако се сете …”
- Како дел од жирито за конкурсот “Сруши ги предрасудите” кој го организира Golden Drum & Телеком, што имаш да им порачаш на младите?
Да ги срушат предрасудите, безмилосно. Да бидат храбри, смели, да ја следат својата идеја без компромис. Да не се оптоваруваат со разни податоци, табели, графикони, чуда-глупости туку да го следат само својот инстикт затоа што само идејата е важна и ништо друго, бидејќи како што вели Јуре Апих основачот на Голден Друм, “технологијата е само одличен инструмент во рацете на оние кои имаат ИДЕЈА”.