Според „Истражувањето на мислењето на публиката за радио и ТВ програмите“ коешто за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумиски услуги, во периодот од мај до јуни 2014 година го спроведе истражувачката агенција М-Проспект од Скопје на случаен репрезентативен примерок од 1070 испитаници, најгледан странски ТВ канал во Република Македонија e Discovery.
Во 2014 година, на странските телевизиски канали македонската публика најчесто гледала документарна, играна и спортска програма.
И покрај тоа што преку претплатнички договор со некој од операторите, на македонските домаќинства им се достапни повеќе од 400 странски канали, само мал број од нив се чест избор на македонската телевизиска публика.
На прашањето „Kои странски канали најчесто ги гледате?“, на коешто испитаниците имаа можност да дадат до три одговори, 28,9% одговориле дека најчесто го гледаат програмскиот сервис Discovery, а речиси подеднакво (20,8% односно 20,6%) програмските сервиси Fox и Sport Klub.