Скопје и Македонија беа домаќини на третото издание на регионалниот настан за вмрежување „Your Network is Your Net Worth Vol.3“, кој се одржа во ресторанот Воденица, а е во организација на Унијата на млади претприемачи на Македонија – Phoenix Rising.
На настанот учествуваа повеќе од 150 млади претприемачи од Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина. Ова издание уште еднаш го потврди значењето на автентичното поврзување, размената на идеи и регионалната соработка меѓу младите визионери од Западен Балкан.
Во текот на денот, публиката имаше можност да ужива во инспиративни говори, панел-дебати и интерактивни игри. Меѓу говорниците беа Трајан Ангелоски, Даница Блажевска, Александра Трајковска, Ениса Кадрии, Елизабета Србиновска Костовска, Ивона Милева, Раби Седрак, Петар Лазаров, Ивона Трајановска, Исидора Стефановиќ, Тифани Трајановска, Рубен Вергара, Александар Момироски и Александар Станков, кои со своите приказни и искуства оставија силен впечаток кај присутните.
Особен интерес предизвикаа дебатите „Local Roots vs Global Reach“ и „The Entrepreneurial Equation“, каде што учесниците разговараа за тоа што значи успех во денешниот бизнис свет — дали се гради дома или преку глобални пазари, и дали жените и мажите пристапуваат поинаку кон претприемништвото.
Програмата беше збогатена со излагања на Проф. Д-р. Елизабета Србиновска Костовска, која ја долови важноста на хуманитарните акции, Доц. Д-р. Ивона Милева, која ги претстави резултатите од нејзините истражувања за младите во регионот, и Раби Седрак, кој говореше за промената на начинот на размислување и справувањето со предизвиците на Балканот.
Настанот заврши со мит-бастер сесија на Петар Лазаров – “The Business Detective”, каде беа урнати неколку најпознати бизнис митови како “Во Македонија не можеш да успееш без конекции”, проследено со неформално вмрежување и акустичен настап на пејачката Ана Петан.
Со ова трето издание, „Your Network is Your Net Worth“ ја потврди својата улога како платформа која создава мостови меѓу младите претприемачи и инспирира регионална соработка и нови партнерства.