Радиото кое веќе со години е синоним за урбана музика, позитивна енергија и современ радио израз – Урбан ФМ, ја започнува новата сезона со целосно освежена програма, нови емисии и млади, препознатливи гласови зад микрофонот. Под слоганот „Зрачиме македонски“, Урбан ФМ ја потврдува својата мисија – да ја промовира современата македонска музика, да ги поддржува домашните изведувачи и да го врати радиото како медиум кој инспирира, поврзува и создава култура на слушање македонска музика.
Најновото освежување во програмата е емисијата „Урбан Бла Бла“, која се емитува секој работен ден и веќе стана препознатлива по својата динамична енергија и комбинација на музика, разговори и теми што ги засегаат младите. Главен водител на емисијата е Марко Новески, добро познат по својот харизматичен пристап, остроумност и способност да ја води програмата со природен тек. На Марко секој работен ден му се придружува различна ко-водителка – секоја со своја професионална приказна, личност и автентичен поглед на светот.
Во понеделник, микрофонот го дели со пејачката Теа Трајковска, која преку својата музичка енергија и топлина го внесува уметничкиот дух во етерот. Вторник е резервиран за инфлуенсерката Дона Неделковска, која го спојува светот на радиото со дигиталните медиуми и трендовите на новата генерација. Среда е ден за Ана Јаневска, книжевен критичар и љубител на литературата, која во програмата додава интелектуална длабочина и културна перспектива. Во четврток, во етерот влегува пејачката Лара Иванова, со свој препознатлив шарм и искрена енергија, додека неделата ја заокружува Ивона Трајановска, претприемачка, коосновач на брендот за здрави закуски HiLife и претседател на здружението Phoenix Rising – првото здружение за обединување на младите претприемачи во Македонија.
„Урбан Бла Бла“ е замислена како жив и спонтан формат во кој музиката, културата, забавата и општествените теми се преплетуваат на едно место. Слушателите можат да ја следат емисијата во живо на фреквенциите на Urban FM, но и во директен видео пренос на YouTube каналот Urban FM TV, каде што програмата добива и визуелен идентитет, приближувајќи го радиото до публиката на нов начин. Секое издание на емисијата се документира со реел видеа на социјалните мрежи, што создава секојдневна интеракција со публиката и овозможува дел од енергијата на етерот да се сподели и онлајн.
Покрај „Урбан Бла Бла“, во програмата на радиото останува и емисијата „Урбан Драјв“ со Марко Марк, која нуди нешто поинакво – комбинација од музика, актуелни теми и телефонски вклучувања со гости кои ги коментираат настаните од денот. Со оваа динамична комбинација на емисии и водители, Urban FM ја поставува новата рамка на модерното радио – место каде што секој глас има тежина, секоја тема добива внимание, а секој ден носи нешто ново.
За издвојување се и утринската програма „Скопје се буди“ (секој работен ден од 7.30 до 10.30 часот), како и уникатните емисии „Urban Fresh Release“, во која се претставуваат најновите македонски песни, и „Silent Coffee“, каде слушателите може да уживаат во музички микс од домашни автори и преработки, со што Урбан ФМ создава препознатлива звучна слика која е и модерна и домашна.
Со силна посветеност кон промоцијата на македонската музика и изведувачи, Урбан ФМ продолжува да биде партнер на домашната сцена. Радиото активно соработува со артисти, организатори на настани и брендови кои веруваат во локалниот потенцијал. Во таа насока, посебно значење има и фактот што Urban FM е покровител на годинешното, 40. издание на „Макфест“, најдолговечниот фестивал на македонската забавна музика. Со тоа, радиото ја потврдува својата улога како медиум кој не само што пренесува, туку и активно создава култура.
Новата сезона на Урбан ФМ е симбол на свежина, тимска енергија и автентичност. Радиото останува доследно на својата мисија – да „зрачи македонски“ преку музиката, разговорите и идеите што ја слават креативноста и идентитетот. Со комбинација на нови лица, современа продукција и посветеност на квалитетна содржина, Urban FM уште еднаш го потврдува своето место како водечки урбан глас на македонскиот радио простор.