Француската огласувачка групација Publicis Groupe го назначи Шон Рирдон за нов генерален извршен директор на специјализираната агенција за податоци и технологии Epsilon. Рирдон носи повеќе од 25 години искуство во областа на податоците, огласувачките технологии и деловната трансформација, а ќе биде одговорен за работењето на Epsilon и неговата интеграција во екосистемот “Connected Media” на Publicis Groupe.
Рирдон претходно бил глобален и американски извршен директор на MiQ, извршен директор за медиуми на американскиот пазар во Dentsu, како и на неколку раководни позиции во рамките на Publicis, меѓу кои и извршен директор на Zenith во САД.
Како дел од Epsilon, тој ќе соработува тесно со извршниот претседател Џон Џулиани, кој отсега ќе се фокусира на долгорочни стратешки иницијативи. Двајцата ќе му реферираат на Дејв Пенски, извршен директор на Publicis Connected Media, а Рирдон ќе стане член на Управниот комитет на Publicis Groupe.
„Влијанието на Epsilon во индустријата е неспорно, а нејзината патека на раст е во постојан подем откако се приклучи на Publicis Groupe во 2019 година. Ние стоиме во првите редови на иновацијата во примената на податоците и технологијата, за да им помогнеме на клиентите да изградат лични и значајни односи со своите потрошувачи. Со нетрпение очекувам да соработувам со нашите тимови за да го отклучиме целосниот потенцијал на Epsilon – за нашите клиенти и за Publicis Groupe во целина“ – истакнува новиот извршен директор на Epsilon, Шон Рирдон.
„Во пазар што се одликува со сложеност, никогаш не сме биле во посилна позиција да им понудиме на нашите клиенти непосредни деловни решенија што ќе им овозможат раст, засновани врз моќта на водечките податочно-идентитетски решенија на Epsilon. Длабокото разбирање на Шон за сложеноста на овој бизнис, заедно со можностите што произлегуваат од обединувањето на податоците, дигиталните технологии, трговијата и инфлуенсерските капацитети во рамките на нашата понуда на ‘поврзани медиуми’ (Connected Media), ќе продолжи да создава раст, диференцијација и силни резултати за нашите клиенти. Без никакво сомневање, неговото лидерство ќе го засили веќе постигнатиот успех на Epsilon“ – додава Дејв Пенски, извршен директор на Publicis Connected Media.





















