Во пресрет на Светското фудбалско првенство следната година, кое ќе се одржи во Северна Америка, германскиот бренд за спортска опрема Adidas ја претстави кампањата „La Preparación Americana“, со краток и динамичен филм што ги преиспитува начините на кои фудбалските ѕвезди се подготвуваат за најголемата сцена во светот.
Во кампањата се појавуваат Лионел Меси, тинејџерската сензација Ламин Јамал, добитничката на „Златна топка“ во женска конкуренција, Аитана Бонмати, американската напаѓачка Тринити Родман и други фудбалски ѕвезди, прикажувајќи ги во неочекувани и креативни начини на тренинг.
Па така, Родман продава весници и дресови на тезга во Њујорк, Јамал јава на механички бик во некој стар салун на „Дивиот Запад“, Меси кугла со фудбалска топка, додека пак Флоријан Вирц се пробива меѓу хокеари под будното око на германскиот селектор Јулијан Нагелсман. Патувањето потоа продолжува во Мексико Сити, каде мексиканската ѕвезда Едсон Алварез има незаборавен влез со тркачки автомобил, внесувајќи локален шарм на кампањата.
Секој сегмент ги истакнува карактерот и креативноста на играчите, илустрирајќи дека фудбалските подготовки не секогаш се придржуваат до вообичаените правила. Кампањата комбинира хумор, енергија и надреални визуелни решенија за создавање незаборавна приказна, нудејќи им на фановите свежа и забавна перпектива пред претстојниот Мундијал во 2026 година.

















